Летово нема диња или лубеница под 200 денари. Тоа што го нема доволно – е скапо
За разлика од лани, годинава цените на бостанот не паднаа. На зелените пазари и во маркетите, цената на лубеницата се движи од 30 до 40 денари за килограм, а дињата се продава за 70 до 100 денари за килограм. Така, за една лубеница од 7-8 килограми и за една помала диња од 2-3 килограми ќе платите над 200 денари.
Ова лето не каснавме евтин бостан. За разлика од лани, годинава цените на бостанот не паднаа. На зелените пазари и во маркетите, цените на лубениците се движат од 30 до 40 денари за килограм, а дињата се продава за 70 до 100 денари за килограм. Така, за една лубеница од 7-8 килограми и за една помала диња од 2-3 килограми ќе платите над 200 денари. Ако претходните години лубеницата се продаваше по 10 и 15 денари за килограм, ова лето не се симна под 30 денари за килограм.
Земјоделците велат дека намаленото производство е главната причина за високите цени на бостанот годинава. Во споредба со минатата година, производството на бостан е намалено за 50 отсто
– Тоа што го нема доволно – е скапо. Причината за високите цени на бостанот се намалените количини. Во споредба со лани, производството е преполовено, поради климатските промени и поради тоа што нема работна сила. Вистина, бостанот не бара многу работа, но со оглед на тоа што се работи за големи површини, треба некој да го насади, да го бере… Годинава и откупната цена на лубениците е висока и се движи од 18 до 20 денари, а на дињата – 40 денари за килограм, поради тоа и цената на пазарите и во маркетите е висока – вели за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.
Тој вели дека за разлика од минатата година, кога во овој период од годината бостанот се продаваше по 10 денари за килограм, сега е три пати поскап. Слична е состојбата и со дињите, кои во зависност од сортата на пазарите, се продаваат по 60-70 денари за килограм.Граѓаните, револтирани од високите цени на бостанот на пазарите и во маркетите, велат дека ова е лудост – бостанот да е поскап од бананите, кои на акција може да се купат и за 40-50 денари за килограм.
Пазарџиите велат дека цените се високи затоа што нема веќе кој да произведува. Не се само овошјето и зеленчукот, поскапени се и праските, кајсиите, сливите, крушите… И податоците од статистика покажуваат дека за еден месец, цените на овошјето се зголемиле за 12,6 отсто.
Од септември, и низа други производи ќе добијат повисоки цени, бидејќи со законските измени, ДДВ-то на одредени продукти ќе се зголеми двојно, од 5 на 10 отсто. Од Владата веќе најавија дека тоа ќе важи за тропското овошје, во кое спаѓаат ананасот, мангото, папајата, кокосот…