Тоалетната хартија стана потенка, а во сирењата и саламите се додава вода, нема крај на трговските измами
Трговците кои мораа да ги намалат цените на производите поради субвенционираната струја за да ја компензираат загубата, односно да не го намалат профитот, ја намалија грамажата. Поради тоа ги доведоа во заблуда потрошувачите кои мислат дека купуваат поевтин производ, а не знаат дека всушност грамажата им е намалена.
Освен проблемот со една цена на каса, а друга на рафт, граѓаните во последно време се соочуваат со низа трговски измами, меѓу кои и намалување на грамажата и ненаведување на потеклото на производите на декларацијата. Ова е особено изразено во последните месеци кога трговците мораа да ги намалат цените на производите поради субвенционираната струја, па за сметка на тоа ја намалија грамажата. Од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека и до нив постојано пристигнуваат поплаки од граѓаните како за сметка на грамажата, така и за потеклото на производите.
-Во последно време чести се случаите на намалување на грамажата и на цената. Така потрошувачите се доведуваат во заблуда дека всушност купуваат поевтин производ, а не знаат дека всушност грамажата им е намалена. Со зголемување на цената на производите, грамажата почна постепено да се намалува. Така пакуваните производи стануваат полесни за 20 до 50 грама. Ваков проблем има и кај рефузните производи кај кој не се знае вистинската грамажа. Така многу често се случува граѓаните кога ќе го измерат производот дома да биде со пониска грамажа од таа што е напишана на декларацијата. Кај овие производи во согласност со Законот за трговија треба да биде наведено колку е цената на еден килограм, а колку на едно пакување, вели за ВЕЧЕР, Мартина Грнчаревска, од ОПМ.
Вакви примери може да се забележат во повеќе трговски објекти во Македонија. Така, пакувањето во помала грамажа и со тоа истакнувањето „пониска“ цена е најизразенo кај основните прехранбени производи: шеќерот, маслото за јадење, месните преработки, млечните производи, како и кај кондиторските производи.
Од ОПМ истакнуваат дека поплаки од граѓаните има и за спакуваните производи како грав, леќа, ориз… кои имаат помала грамажа, од таа која е наведена на декларација. Ова е чест случај и кај пакуваното овошје и зеленчук каде што често изостанува и информацијата за потеклото на производите.
-На декларацијата треба да е означено и потеклото на производите. Но, кај нас трговците многу често ја изоставуваат оваа информација. Поради тоа, потрошувачите реагираат на квалитетот на некои производи за кои забележале дека не се со ист квалитет како оние кои претходно ги користеле. И покрај тоа што се работи за ист производ, често производот е со послаб квалитет од тој претходно што го користеле што често се случува кај млечните и месните производи, вели Грнчаревска.
Граѓаните велат дека намалувања на цената има кај многу производи со помала грамажа. На пример, пакување на јајца со ознака С или М се продаваат како од повисока класа. Или, пак, во едно пакување од десет јајца има некои што се помали од декларираната класа на пакувањето. Исто така тоалетната хартија е сè потенка, во сирењата и саламите се става вода, со што практично нема намалување на цената туку само намалување на грамажата.