fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Топлотниот бран дополнително ќе ги намали приносите на мед

Спас за пчелните семејства е преселување на повисоки места, каде ќе има поголем принос.

Топлотниот бран која ја зафати земјава ќе ги погоди пчеларите, и ќе придонесе за послаб принос на мед.

Тие оценуваат дека и онака оваа година е слаба за нив, и приносите на мед се мали. Љупче Станковски, пчелар и претседател на здружението Агро Фаланга од Велес објаснува дека во Повардарието приносите на мед се од 6 до 11 килограми по кошница, но високите температури ќе придонесат пчелите да останат без нектар затоа што вегетацијата ќе биде исушена.

„Температури од 40 степени не им одат во прилог на пчелните семејства. За пчелите нема идеални температури, но потребни се врнежи и да нема некои големи температурни разлики. За оваа година веќе собирањето на мед е при крај, затоа што за пашата најважни месеци се мај, јуни и делумно јули, но ова секако дека негативно ќе се одрази и ќе го намали приносот. Годишните времиња се поместуваат, така што во мај имавме студено време, а во октомври времето е топло. Оваа година не можам да кажам дека е катастрофална, но сепак е слаба“, вели Станковски. 

Тој порачува дека спас за пчелните семејства е преселување на повисоки места, каде ќе има поголем принос. Станковски вели дека доколку нема преселување, и нема современо одгледување на пчели, нема ниту заработка.

„Има една изрека која вели „пчелите се на тркала“ и навистина е така“, додава Станковски. 

Часлав Ристовски, пчелар од Куманово објаснува дека овој период кога температурите се екстремни, најважно е пчелите да не бидат оставени без вода и храна, затоа што тоа води кон угинување.

„Сега во природата нема нектар, нема полен, и ако не им се обезбеди вода, тоа ќе биде погубно за пчелните семејства. Тие мора да имаат вода и залихи од храна. Значи оние кои го извадиле медот ќе треба да ги прехранат со шеќерен сируп, или да извадат само дел од медот, се разбира доколку има вишок, со што ќе останат залихи за пчелите. За оваа година дел од пчеларите се фалат, дел се жалат, но во кумановско приносот не е повеќе од 10 килограми мед по кошница“, изјави Ристовски. 

Пчеларот Бранко Тасевски од Куманово вели дека оваа година временските услови не се погодни.

„Топлотниот бран веќе почна и температурите над 35 степени не се погодни за пчелите. Билки периодов нема, и оваа година навистина немаме со што да се пофалиме“, рече Тасевски. https://faktor.mk/slaba-godina-toplotniot-bran-dopolnitelno-kje-gi-namali-prinosite-na-med-

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close