fbpx
ВестиТоп вести

Трговците на зелени пазари ќе имаат легитимации кои ќе ги издава Комората на трговци

 

Со цел унапредување на работењето и решавање на тековните проблеми во дејноста, поттикнување на имплементацијата на европските правила и стандарди, иницирање и остварување соработка по прашања од заеднички интерес, а имајќи ги предвид интересите на двете страни, Групацијата на пазарите во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија и Комората на трговците на Македонија на тезги и зелени пазари склучија меморандум за соработка, информираше на денешната прес-конференција Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Комората на трговците на Македонија на тезги и зелени пазари е формирана во согласност со одредбите од Законот за трговија на зелените пазари, донесен на почетокот на годината, во согласност со кој Комората треба да ги застапува интересите на закупците на тезги и треба да врши јавни овластувања.

Истовремено се уредуваат условите и начинот на вршење трговија на пазарите во земјата, субјектите кои може да вршат трговија на зелените пазари, условите и начинот на организирање на зелените пазари, евиденцијата на трговците на зелени пазари и правата и обврските на трговците и организаторите на зелените пазари, информираше претседателот на Комората на трговците на Македонија на тезги и зелени пазари, Златко Шекеров.

Јавното овластување, кое го доделува Министерството за економија, значи дека Комората треба да води регистар на закупците, да ги впишува и да издава легитимација за закупците, како и да ја води комуникацијата со Централниот регистар за закупците.  Исто така, Комората на закупци на тезги ќе има обврска да  доставува информации до Управата за јавни приходи за трговците на зелени пазари регистрирани во регистарот на Комората со цел изготвување решение за паушално оданочување, како и да има континуирана комуникација со Агенцијата за вработување на Република Македонија, со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и со Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Исто така, една од клучните обврски на Комората на закупци на тезги ќе биде да ја следи и да ја разгледува проблематиката на работата на пазарите, да дава предлози до надлежните државни органи за подобрување на условите за работа, да ги застапува интересите на трговците на зелени пазари и да ги претставува трговците на зелени пазари пред државните органи и тела во Република Македонија. Ќе има и можност во согласност со Законот да дава мислења и предлози при донесувањето прописи од областа на трговијата на мало на тезги и пазари, како и да формира суд на честа со цел издигнување на професијата на ниво достојно да ги почитува правата на потрошувачите.

Комората на трговците на Македонија на тезги и зелени пазари, како што објасни нејзиниот претседател Златко Шекеров на денешната прес-конференција, е формирана од закупци од 10 градови во Македонија, вклучително и Скопје, односно покриени се сите големи градови каде што гравитираат закупците на тезги. Во таа насока и беше иницирана активноста да се потпише меморандум за соработка со Групацијата на пазарите во рамките на Комората бидејќи во оваа групација членуваат организаторите на пазарите во градовите, кои се всушност главните партнери на закупците на тезги во нивното секојдневно работење.

Паралелно со носењето на Законот за трговија на зелени пазари (кој предвидува закупците на тезги да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување), се овозможува преку измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување пазарџиите кои продаваат на тезги на зелените пазари и кои се запишани во регистарот на Комората на трговци да станат осигуреници во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Со ова се врши усогласување со Законот за трговија на зелени пазари, донесен на почеток на годината.

Придонесите ќе ги плаќаат по тарифата за земјоделец поединец, односно 20 отсто од просечната плата во претходната година. Според пресметките, тие за пензиско осигурување ќе плаќаат по 1.500 денари, наместо 5.000 денари колку што се придонесите за најниска плата, додека за здравствено осигурување ќе плаќаат 540 денари.

За да работи на тезги на зелените пазари, секој од нив ќе треба да има легитимација која ќе им ја издава Комората на трговци.

Висината на износот што ќе треба да се плаќа за легитимацијата засега не е утврден, а целта е да биде минимален износ со цел да не ги оптоварува   закупците, а сепак да бидат запазени законските обврски.

Според Законот за трговија на зелените пазари, на пазарите нема да се издаваат фискални сметки сè до влез на нашата земја во ЕУ, а пазарџиите наместо да талкаат низ Централниот регистер за регистрација на фирма, ќе работат со лиценци издадени од Комората на трговци.

.akademik.mk

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close