Трговците повторно ги скрија пиперките и доматите, не сакаат да ги продаваат по „гарантирани цени“
Граѓаните деновиве реагираат дека на зелените пазари и во пиљарниците голем дел од овошјето и од зеленчукот сè уште се продава по стари цени, а во голем дел од маркетите понудата на овошје и на зеленчук е значително намалена.
Казнети се и затворени се повеќе синџири големи маркети во Скопје, во населбите Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел, но и маркети во Струга, информира директорот на Државниот пазарен инспекторат. Тој апелираше до сите трговци дека мора да се почитуваат законите и оти нема да има компромис во постапувањето на Инспекторатот. Инаку, граѓаните деновиве реагираат на социјалните мрежи дека на зелените пазари и во пиљарниците голем дел од овошјето и од зеленчукот сè уште се продава по стари цени, а во голем дел од маркетите понудата на овошје и на зеленчук е значително намалена.
– Во пиљарниците цените не се намалени, а во маркетите нема домати и пиперки. Освен тоа, цените на другите производи што не се „гарантирани“, се зголемени за 30 отсто. Да речеме дека не им одговара да ги продаваат овошјето и зеленчукот по „гарантирани цени“, па затоа не ги ни носат, но што е со другите производи? – прашува една скопјанка.
И други граѓани коментираат дека ситуацијата со цените во маркетите и на зелените пазари не е како што очекувале и оти се повторува истата слика како при првото замрзнување во март. Од друга страна, празните рафтови се доказ дека дистрибутерите не се согласуваат со владините мерки и не сакаат да набавуваат поскапо, а да продаваат поевтино.
– На рафтовите во големите маркети, освен некои крупни сливи по 350 денари, грозје по 77 денари за килограм, како и некое јужно овошје, чии цени не се замрзнати, друго нема. Замисли, во домашен маркет да нема домати и пиперки! – коментира една жена на социјалните мрежи.
И на зелените пазари ситуацијата е слична. Освен што понудата е значително намалена, цените на овошјето и на зеленчукот се повисоки од оние во маркетите. Доматите се продаваат по цена од 80 до 100 денари, краставиците за 90 денари, пиперките за 70 денари, компирите за 50 денари, праските и грозјето по цена од 80 до 120 денари за килограм.
Празните рафтови во маркетите и полупразните тезги на зелените пазари се доказ дека дистрибутерите и овој пат ја изигруваат владината одлука за снабдување со 70 отсто од количините што ги обезбедувале во август.
Поради непочитување на владината одлука, пазарните инспектори деновиве затворија повеќе маркети во Скопје и во Струга.https://www.vecer.press/