Три сорти турски ориз ќе се садат во Кочанско
Три турски сорти ориз ќе се одгледуваат на македонските полиња. Сортите „гала”, „халилбеј” и „ѓонен” постигнаа најголеми резултати во експерименталното садење на 14 сорти турски ориз во текот на изминатите две години на полиња во Кочани.
Дел од сортите експериментално се одгледуваа на полињата кај 120 индивидуални оризо-производители во Кочанско, а дел на Одделот за ориз при Земјоделскиот институт во Кочани.
„Искуствата од експерименталното одгледување турски сорти ориз на полињата во Кочанско се реализираа во соработка со турската компанија „ТИКА“ која за оваа намена инвестираше средства во износ од 120.000 евра. Најголеми позитивни резултати постигнаа сортите „гала“ „халилбеј“ и „ѓонен“, истакна д-р Добре Андов од Одделот за ориз при Земјоделскиот институт Скопје.
Тој информираше дека трите најдобри сорти ориз, заедно со резултатите од испитувањата, се доставени до Комисијата за признавање нови сорти при Управата за семе и саден материјал и се очекува да влезат во редовно производство од наредната производствена сезона.