fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Тетовци од урбаната „џунгла“ се селат во Брвеница за мирен и спокоен живот

Брвеница е редок пример во државата каде се враќа животот и има доселувања наместо иселувања.

Живко Марковски е еден од мнозината кои одлучиле својот градски живот да го замени со селски. Тој веќе четврта година живее во Брвеница, на само неколку километри од Тетово. Се преселил од градот, како што вели поради урбаниот хаос. Тука купил плац каде изградил куќа, но и малку земја каде посадил зеленчук и овошје. Мирот и спокојството немаат цена, па тетовчанецот вели низ шега дека не би се вратил во град, ни за милион долари.

-Општ хаос во градовите, гужвите, загадениот воздух, затоа се одлучив тука да дојдам каде најдов мир за да го продолжам животот. Градот е блиску, со комбе 20 денари до Тетово, не мора ни со автомобил да одиш. Ќе си купиш еден декар земја ќе си посадиш зеленчук и овошје, нема потреба од пазари и трошење на пари. Ние сме тука четири години и соседите не прифатија, има доста луѓе кои бараат плацеви. Не би се вратил во град, само би отишол во планина да живеам каде е уште помирно и каде има помалку луѓе, вели Марковски.

Во Брвеница живеат над 1.000 семејства. Секоја година во просек тука се доселуваат по петнаесетина семејства, претежно млади брачни парови. Селото се шири, а со тоа се зголемува и бројот на ученици во основното училиште во селото, појава која и речиси да ја нема во останатите региони низ земјава.

-Годинава се запишани 63 првачиња, тие ги запишавме во две паралелки во четири смени. Јас сум тука 12 години и секоја година има прилив на првачиња и не само првачиња школувањето го продолжуваат нови ученици и во другите одделенија, од градот доаѓаат деца, но и од внатрешноста на Македонија, рече Маријана Ризановска, психолог во основното училиште во Брвеница.

Градоначалникот на Општина Брвеница Енвер Пајазити, вели дека не само општинскиот центар туку и сите села во неговата општина бележат развој. Порано каде имало стари и запуштени куќи сега се реновираат и се градат нови типски куќи, а никаде не се забележува иселување дури и на ридско – планинските села.

-Во Стенче Волковија и Блаце каде има стари куќи сега се реновираат, зашто луѓето бегаат кон селата каде има почист воздух. Едно село Гургурница кое е планинско на 25 километри од овде нема иселување, што е за поздравување. Сакаме да направиме пат преку Треска за да се развие руралниот туризам, тоа е единствено село на таа далечина да има 350 жители. Плус сакаме да го прошириме постојниот пат Стенче – Гургурница. Еве тука во Радиовце има еден пример каде се прават типски куќи и тука ќе се градат околу 70 куќи, вели градоначалникот на Брвеница, Енвер Пајазити.

Тој се пофали дека како општина постојано работат на инфраструктурни проекти, се со цел да се обезбедат подобри услови за живеење. Затоа и можеби нашето рурално подрачје е примамливо место за живеење и доселување.

-Сега за сега имаме инфраструктура речиси како урбаните средини. Имаме канализација, градинка, но тоа не е доволно ние правиме напори да имаме уште повеќе услови да поставиме канализација на некои споредни улици. Воглавно до Брвеница имаме добар пат, но и ние се надеваме на поддршка од централна власт за да им обезбедиме на жителите уште подобар живот. Тука има и мали бизниси и претпријатија, има работа за тие што сакаат да работат. Почнавме како општина во соработка со ЕВН дислокација на нисконапонска инсталација да ја преместиме под земја. Она што е најважно е да ги прочистуваме отпадните води и тоа е голем проблем во руралните општини. Сега селото се шири, а стариот водовод не ги задоволува потребите затоа што секоја година имаме се повеќе нови жители, рече градоначалникот Пајазити.

Брвеница е редок пример каде се враќа животот наспроти многу села низ Тетовско и во државата кои се празнат. Претежно младите се иселуваат во западно – европските земји.

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close