
Трипуновски: Нулта толеранција за нерегуларности при откупот на грозје
„Државниот инспекторат за земјоделство прави засилени контроли и тоа пред да започне откупот, во делот на калибрација на вагите, во делот на другите услови дали се исполнети, се со цел да се спречат нерегуларности при откупот на грозје”
„Државниот инспекторат за земјоделство прави засилени контроли и тоа пред да започне откупот, во делот на калибрација на вагите, во делот на другите услови дали се исполнети, се со цел да се спречат нерегуларности при откупот на грозје”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во Дневникот на КТВ Телевизија, Кавадарци.
„Можам да ви кажам дека годишните одмори на инспекторите во периодот на откупот на грозје се стопирани за да бидат присутни на терен и да го набљудуваат откупниот процес”, појасни министерот.
Тој посочи дека нема да има отстапки. Се работи за да се почитуваат сите правила при откуп на грозјето. Во своето гостување министерот додаде дека во изработка е и Законот за жестоки пијалоци.
„Формирана е работна група која ќе треба да се произнесе со Закон за жестоки пијалоци, кој ќе ги затвори прашањата кои се актуелни низ годините наназад”, истакна министерот Трипуновски.
Министерот, говорејќи за Законот за жестоки пијалоци, посочи дека ќе има и измени во Законот за вино. Измените кои се прават во Законот за вино ќе бидат прифатливи и за лозарите и за винарските визби.
„Не сакаме да донесеме закон на брза лента кој ќе донесе само комплицирање на процесите. Она што ќе го донесеме ќе биде решавање на проблемите кои од минатото се наследени, т.е. ставање на крај на сите отворени прашања”, посочи тој.