Трската од Моноспитовско Блато сѐ уште плете рогозини и леси

Васил Бансколиев од селото Моноспитово е еден од двајцата последни плетачи на рогозини. Неговиот разбој за плетење цела зима ќе ткае рогозини и ќе потсетува на времињата кога Моноспитовското Блато беше непресушен извор на трска и рогоз.

Рогозот и трската од селаните од Моноспитово и другите села биле користени за плетење рогозини, со кои го покривале подот во куќите, како и за правење тавански леси. Во дамнешни времиња со шамакот луѓето ги покривале своите куќи, трлата за добитокот, шталите, амбарите за жито и други објекти.

Од почетокот на октомври до март плетачите се активни. Во куќата на Бансколиев подрумот е резервиран за плетење на рогозините.

-Порано трската се береше на Илинден. Сега почнуваме порано – на Петровден. Трската е исушена и е подготвена за работа. Цела зима имам работа. Не работам само кога е многу студено. Јас сам ги ткаам рогозините. Никој од семејството не работи со мене. Младите не ги сакаат традиционалните занаети, вели Васил Бансколиев, плетач на рогозини од селото Моноспитово.

Се присетува дека бере трска и плете рогозини од петнаесетгодишна возраст. Неколку години не работел на занаетот, бидејќи во еден период многу добро одело раноградинарското производство.

-Во последните дваесет години пак им се вратив на рогозините. Мене ме радува што има побарувачка за нив. Најчесто доаѓаат купувачи од Скопје. Една рогозина ја продавам за 500 денари, раскажува Бансколиев.

Во последните неколку години трската за рогозини не је собираат од Блатото, туку од коритата на реките. Според него, трската од Ѓољот, како што Моноспитовското Блато го нарекуваат жителите на Моноспитово, не е квалитетна како таа од реките.

Додава дека рогозината и денес се користи во места што држат влага, а им се препорачува и на тие што имаат проблеми со ‘рбетниот столб да лежат на неа.

Порано, кога на Илинден почнувало жнеењето на трската и рогозот, селаните се собирале пред Ѓољот и буквално се натпреварувале кој ќе зафати поголема површина. И денес бербата е слободна, но трската ја собираат малкумина од Моноспитово. Еден од нив е и Гоне Багалов, кој со својот „косер“ сече трска од Блатото.

-Не е само да ја сечеш која било трска, туку најпрвин треба да ја измериш и дали е долга околу 2,15 метри. Кога ќе ја донесеме дома пак ја подрамнуваме. Дел од трската ја лупиме, а другата останува нелупена. Тоа зависи од потребите на муштериите. Порано трската најмногу ја барале за употреба во градежништвото, бидејќи од лупената биле правени таваните, објаснува Гоне Багалов.

Подготвените леси тој ги чува во посебна просторија во неговата куќа. Вели дека сега трската најмногу се употребува за „градеж“, односно да се загради определен простор или објект.

-Ја земаат од мерак. Со неа заградуваат најчесто угостителски објекти, посочува Багалов.

За него многу е важно со што се плете лесата – дали е со рогоз или со жица. Со рогоз е полесно, широчината на лесата е постојано 2 метри, а должината е според потребата на купувачот.

Додава дека за разлика од порано, кога во Моноспитовското Блато се влегувало со специјалните дрвени чамци наречени „шајки“, сега е полесно зашто има дрвена патека и преку неа лесно се стигнува до трската.

-За да имаме квалитетна трска, потребно е секоја година таа да се сече. Доколку не се бере и останува од лани, тогаш таа е сува и е подложна на запалување и воопшто не е квалитетна. Јас ја одбирам зелената трска, а сувата ја кршам. Квалитетната трска може да трае и сто години доколку е соодветно заштитена, односно не е изложена на сонце. Таков е случајот со лесите што се поставувале на таванот, додава  Гоне Багалов.

Ни објаснува како едно време лесите од трска се користеле во градежништвото. Лесите се прицврстувале со клинци на гредите од таванот, а потоа преку нив се премачкувал вар со слама и таа смеса се мазнела на таванот.

-И денес некои ја користат. Преку лесите нанесуваат малтер, па стават лепило и мрежа и на крајот го стават последниот слој. Трската така трае уште повеќе и не му тежи на таванот, односно многу е полесна од железото или некои други материјали што се користат за правење тавани, заврши Гоне Багалов, плетач на леси од селото Моноспитово.

Во внатрешноста на Центарот за развој на рурален развој на туризмот, лоциран сретсело, неколкуте страка трска и предмети од минатото сведочат дека пред неколку години тука требало да се одржуваат различни туристички манифестации и да се креира развојот на екотуризмот, но и да се зачува традицијата на плетење рогозини и леси.

-Доколку обезбедиме финансиски средства, можеме во него да поставиме повеќе музејски експонати, како што се кајчиња, рогоз и други ретки сувенири што се својствени за ова подрачје и се надевам дека учениците и наставниците ќе организираат посети на овој предел од нашата општина, смета градоначалникот на Општина Босилово, Зоран Зимбаков.

Со проектот е планирано да се уреди и паркинг-простор во објектот што е во центарот на селото Моноспитово, а проектот треба да почне да се реализира до крајот на годината.

Заминуваме од Моноспитово и од Моноспитовското Блато, последното мочуриште во Македонија, со надеж дека трската и понатаму ќе дава живот за жителите на селото, а Ѓољот ќе се спаси од исушување. Трската и рогозот се премногу цврсти одеднаш да бидат уништени. Нивниот спој, кој трае со милениуми и е цврсто врзан за Моноспитовското Блато, повторно ќе биде соединувачки елемент за жителите и нивното блато.


 

sitel

Share Button