Тутунот ќе се откупува на 298 пунктови ширум Македонија
Оваа година се склучени договори за 26.000 тони тутун. Опфатени се околу 16.800 земјоделски стопанства
Тутунскиот комбинат АД Прилеп извезува производи на 9 пазари во регионот и во земји од Европската Унија, а со нови инвестиции тој број може да се удвои и прилепскиот комбинат после неколку години да извезува цигари и во 18 држави, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на комбинатот.
– Очекувам овој период на консолидирање на тутунскиот комбинат Прилеп да е веќе позади нас. Состојбата од тоа што можев да видам е консолидирана и очекувам во годините што следат повеќе внимание да посветиме на развојот, на нови инвестиции, на зголемување на производството, па зошто да не овие 9 пазари да бидат 18 пазари за некоја година од денеска. Тоа е она на коешто сите ние треба заедно да работиме и тоа е она за коешто оваа Влада ќе даде безусловна поддршка. Многу е направено и многу е постигнато во овие години, состојбата е консолидирана и ајде сега сите заедно да работиме на развојот. Тоа е она што е наш приоритет – рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари на пратениците од Прилеп, кои, како што рече секогаш се борат и приоритет им се тутунопроизводителите од овој регион.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски истакна дека оваа година се склучени договори за 26.000 тони тутун, а опфатени се 16.800 земјоделски стопанства.
Тој посочи дека согласно со проекциите од теренот и комуникацијата со земјоделските здруженија, оваа година се очекува за над 10% поголема берба од минатогодишната.
– Очекуваме дека оваа година тутунот ќе има одличен квалитет. Пријавени се 298 пунктови ширум Македонија, односно 305 пријавени ваги кои што ќе функционираат во наредниот период. Законскиот рок за почеток на откупот е 15 ноември, а со оглед дека датумот се паѓа во петок, најраниот рок за почеток е 18 ноември. Најдоцна, согласно Законот за тутун и тутунски производи, откупот може да почне на 15 декември – рече министерот Трипуновски.