fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Тутунарите бараат најдобриот тутун да се плаќа поскапо

Произведителите се незадоволни што сите класи тутун се откупуваат по иста цена. Годинашниот род е преполовен. Се очекуваа 26, а се произведени 14 илјади тони тутун

БИТОЛА – Отпорот на тутунарите да не го предаваат тутунот по цена пониска од 600 денари за килограм, не успева, па дел од нив веќе го однеле родот на ценење.

Откупот тече за просечна цена од околу 330 денари за килограм. Некои компании прва класа од тутунот ја откупуваат најмногу до 335 денари за килограм.

Добар дел од тутунарите се револтирани за цената и тврдат дека таа не им ги покрива ни трошоците, а камоли маката што ја „јадат“ тутунарите и нивните семејства при производство на тутунот.

„Тутунот ни го земаат за џабе, а цигарите ги поскапија“, коментираат тутунарите.

Па, така, производителите на тутун сѐ уште се во дилема дали да го предадат тутунот или да чекаат повисоки цени. Тутунот им стои пакуван и натоварен на тракторите, не го носат на откупните пунктови.

Но, една ситуација силно ги револтира искусните и големите производители на тутун, а тоа е што сиот тутун се цени во иста, прва класа.

„Тутунот злато и ‘гнојот’ исто го плаќаат. Квалитетот и квантитетот исто се вреднува. Имам екстра тутун и не го давам за исти пари. Треба да се продолжи со ценење на тутунот по класи, како што беше по годините, не вака, сѐ исто да се вреднува. Од ова поголема казна за тутунар нема да ти го земат родот за беспари“, вели Марјанчо Цветкоски, производител на 5 тони тутун во прилепско.

Според Цветкоски, годинава минималната цена за килограм тутун не треба да е под 400 денари за килограм. Според него годинава е намален родот и ретко кој од тутунарите може да ги исполни договорите.

„Годинава реално нема тутун. Родот е преполовен. Трошоците двојно повисоки заради инфлацијата. Тутунари едвај собраа по 100 кг. од декар, а просекот е 250 кг. по декар површина. Затоа откупувачите не се пребирливи, туку купуваат сѐ. Не се одбива ни влага, ни песок. Но, ако можат ѓубрето да го платат 330 денари за килограм, колку треба да се плати квалитетниот тутун?“, реагира Цветкоски.

Според официјалните информации од Државниот земјоделски инспекторат заклучно со 10 јануари годинава, откупени се 5.300 тони тутун со просечна откупна цена од 330,14 денари.

А.Б

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close