Тутунарите од Карбинци бараат субвенциите да се исплаќаат по килограм тутун, а не по класа
Тутунопроизводителите од под плачковичките села во Карбинскиот регион бараат да се врати стариот модел на субвенционирање со линеарна исплата за предадените количини тутун, без разлика на класа. Ова е од причина што изминативе неколку години има чести врнежи од град, па само 7 до 10 % од производството го задоволува квалитетот да биде рангиран во прва класа. Емин Мустафов има засадено 12 декари, а минатата година продал 1500 килограми тутун.
– Ние прва (класа) тутун многу малку имавме. Некој имаа 100 кг, некој 200 кг. и што зедоа од тоа, ништо не земаа- изјави ЕМИН МУСТАФОВ, ТУТУНАР ОД С. ПРНАЛИЈА, КАРБИНСКО
Состојбата, како што сега стојат работите, ќе биде идентична со ланската.
– Врнеше град и не знам што ќе биде. Првата берба (рака) е толчена од град, а ние ја собираме (береме). -изјави Мустафов.
Тие генерално се задоволни со актуелната цена на тутунот, зашто во просек им излегува по над 200 денари од килограм продаден тутун, што резултираше годинава површините да бидат зголемени за 20 %.
– Ако се плаќа добро, народот уште повеќе ќе сади.-додаде Мустафов
Во овие пасивни ридско-планински предели, покрај сточарството, тутунопроизводството е единствена доходовна земјоделска гранка, бидејќи успева на почви со послаб бонитет.