Тутунарите од Прилеп-Не се прифаќаат цените во новите договори, се бара медијаторство од Министерството за земјоделство
За тутунарите реална е цената од 10 евра
Монополска е и не е прифатлива понудата на откупувачите за договорите и цените за новото тутунопроизводство. Нудат исти цени и затоа бараме медијаторство од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи во прашање е иднината на оваа стратешка култура. Ова го порачаа тутунарите од државава на трибината во Прилеп што се одржа синоќа, а ја организираше „Националната земјоделска мрежа“.
-Откупувачите ги објавија цените за новите договори кои за новата реколта се склучуваат од 1 до 31 март. Ги понудија истите цени како при неодамнешниот откуп од ланската реколта. За нас се неприфатливи и ако останат како што се, ќе дојдеме под производната цена. Ние сме доведени во ситуација откупните фирми да ни диктираат цени кои за нас се погубни и, едноставно, нѐ водат во загуба. Ќе бараме едно медијаторство од Министерството за земјоделство, да најдеме едно заедничко прифатливо решение за да оствариме заедничка понатамошна соработка. Ако вака се однесуваат уценувачки, нема да биде од интерес ниту на тутунарите, ниту на фирмите, изјави Ѓорѓи Каракашев од „Националната земјоделска мрежа“.
Според трошоците, за тутунарите реална е цената од 10 евра. Се очекува зголемен интерес за производство, но одбивањето на откупувачите да понудат повисоки цени ја става под прашање производната година.
-Има зголемен интерес да се произведува тутунот, главно во руралните средини каде немаат други извори на приходи. Мора да биде подобра цената за да има континуитет оваа гранка, но, и мора како држава, а и ние како здруженија посебен напор да вложиме за во тие места да останат луѓе, зашто сме сведоци на големо иселување, рече Диме Димитриески, производител од Прилеп и член на „Националната земјоделска мрежа“.
Тутунарите најавија поднесување иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот за тутун во кој откупните фирми се монополски поставени, а тутунарите се во подредена ситуација.
-Може да се живее од тутунот, само треба да се прашува и земјоделецот и така треба да биде, а не да бидеме зависни од фирмите, вели Живко Гонев, тутунар од Ињево, Струмичко, и член на асоцијацијата „Национална земјоделска мрежа“.
На 28 февруари и официјално заврши откупот на тутунот од ланската реколта, а родот беше преполовен. Откупени беа неполни 15 000 тони по просечна цена од 353 денари за килограм.
МИА