fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

„Тутунска надеж“-ново здружение на тутунари во Прилеп

Николче Станковски, член на здружението „Тутунска надеж“ вели дека бројат 12 илјади членови

Денска во Прилеп се формираше ново здружение на тутунари кое се вика „Тутунска надеж“. Од здружението тврдат дека бројат околу 12.000 членови, а целта на формирањето на ова тело е да се заштитат тутунарите од целата ситуација која се случува оваа година. Обвинуваат дека моментално се откупува само квалитетниот тутун и тоа само во трета и четврта класа, а додека долните берби не се откупуваат. Во здружението членуваат тутунари од сите региони во Македонија каде се произведува тутун како Прилеп, Долнени, Радовиш, Демир Хисар, Могила, Велешко, Конче, Скопје.

-Со ова здружение се надеваме дека во иднина ќе помогнеме за да не ни се случуваат вакви работи. Да не се случува грабеж на тутунарите и да биде обезвреднет целиот нивен труд. Затоа што сметаме и сме свесни дека тутунарите и требаат на нашата држава, но и државата им е потребна на тутунарите за да ги заштити. Ги повикуваме јавно сите кои имаат улога во откупот, политички партии, локални самоуправи, министерот за земјоделство да излезат и да изразат јавно поддршка и сметаме дека е потребно веднаш да се започнат преговори со нашето тутунско здружение  затоа што во позадина имаме импозантна бројка од 12.000 членови, кои секодневно не поддржуваат и ни даваат јавна поддршка. Тоа не е бројка која може туку-така да се занемари, туку е бројка на која одредени фактори треба да посветат особено внимание. Секојдневно сме сведоци на омаловажување, на малтретирање, на откуп кој ги премина сите граници. Се носи тутун во доцни вечерни часови, се цени во ниедно време, тутун за партиски потреби, незнам како да ги наречам. А вистинските тутунари се оставени сами на себе и чекаат по 4 или 5 дена ред, истакна Николче Станковски, член на здружението „Тутунска надеж“.

Според Станковски за оваа сезона како здружение ќе се залагаат за зголемување на субвенциите по категорија на тутун, а не по паралела, а за склучувањето на новите договори, ќе бараат во договорот да се направи класифицирање на тутунот, односно точно да се знае кој тутун може да оди во 4-та класа.

„Годинашниве мостри се направени да прва, втора и трета класа има ставено тутун Т1, а во сите откупи 20 години наназад Т1 е прва класа. А годинава по кој начин биле мострите потпишувани, кој ги потпишувал кој ги изготвил незнаеме. Тоа е однапред смислена работа за да биди цената каква што е сега. И симптоматично е, ние се чудиме, како може просечната цена да биде 165 денари, а кога на терен немаме видено поголема пресметка од 120 денари“, додаде Станковски.

Дарко Штаргоски за Зелена берза

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close