УЈП договори привремени вработувања за 440.000 евра
Станува збор за договор чија реализација започнува овој мај, а рамковно важи до крајот на следната година.
Управата за јавни приходи склучила договор со приватната Агенција за вработување Партнер, нов договор вреден речиси 440.000 евра. Станува збор за договор чија реализација започнува овој мај, а рамковно важи до крајот на следната година. Во него нема детали за тоа колку работници ќе бидат привремено вработени во УЈП овој период. Од Управата за Фактор велат дека станува збор за 33 лица и дека за нив се отворени позиции по повеќе критериуми. Во УЈП и претходно имаше огласи за вработувања, а таму според официјалните податоци од Влада треба да се распоредат 101 лице кои се дел од рамковните вработувања односно оние кои не одеа на работа, а беа вработени во јавната администрација. Од Управата за јавни приходи велат дека со новиот договор со Партнер ќе се ангажираат лица заради реализација на нивни потреби. Откриваат дека станува збор за 33 работници, но не се прецизира на колкав период ќе бидат ангажирани.
„Потребите на договорниот орган (УЈП) за отстапување на 33 работници опфаќаат случаи на замена на привремено отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, работа на проекти, специфични неконтинуирани работи кои не се дел од претежната дејност на договорниот орган, непредвидливи, краткотрајни активности што се јавуваат во вршењето на претежната дејност на УЈП и други случаи предвидени со Законот за агенциите за привремени вработувања, велат од УЈП.
Во договорот кој е склучен со Партнер стои дека висината на надоместокот за отстапен работник од Агенцијата изнесува 6,79 проценти од бруто платата по вработен. Агенцијата ги плаќа вработените и е должна тоа да го стори најдоцна до 5 во месецот. Секако парите се од УЈП која и исплаќа на Партнер по испорачани месечни фактури. На 3 март годинава Управата за јавни приходи распиша оглас за вработување на 40 извршители на определено работно време. Новите работни позиции, како што стоеше во објавениот оглас, се отвараат поради привремено зголемен обем на работа до крајот на тековната 2021 година. Тогаш се бараа извршители на главно пониски позиции односно помлад асистент или помлад референт, но понудената плата беше нешто над 30.000 денари или околу 500 евра. https://faktor.mk/ujp-dogovori-privremeni-vrabotuvanja-za-440000-evra