Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Успешна македонска приказна – овоштарот Владо Орданов

Орданов порачува: Младите ќе имаат иднина во земјоделието

Владо Орданов е земјоделец од село Сирково, општина Росоман. Долги години се занимава со земјоделство, со производство на овошје на нивите во атарот на село Сирково.

-Во моите овоштарници одгледувам праски, кајсии, нектарини, цреши, сливи, јаболка, круши, дуњи, бадеми и лешници, вело Орданов.

Покрај производството на овошје, Орданов се занимава и со откуп на овошје.

-Располагаме со ладилници каде што се врши складирање и подготовка на производите, по што производите се пласираат и извезуваат низ цела Македонија, како и во странство.

Исто така, поседувам земјоделска аптека, преку која нудам средства и препарати за заштита и прихрана на земјоделските култури, вели Орданов.

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/ преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна вашата приказна?

Доаѓам од земјоделско семејство кое со генерации се занимава со обработка на земја и производство на земјоделски производи. Роден сум и израснав со љубов кон земјата, трудот и чесната работа. Нашата приказна е пример дека со упорност и посветеност може да се создаде успех.

Од мали нозе сум вклучен во земјоделските работи и учев од моите родители и дедовци. Почнавме со помало производство, а со текот на времето го проширивме работењето со нови насади и современи методи.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?

Најголеми предизвици се временските услови, високите трошоци и нестабилниот пласман.Но, со работа, трпение и поддршка од семејството успеваме да ги надминеме сите пречки.

Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?

Најголем успех ни е што успеавме да го зачуваме семејниот бизнис, да напредуваме и да обезбедиме квалитетни производи за пазарот.Горди сме што нашиот труд е препознаен. Еден од најголемите успеси е што семејството остана покрај мене.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?

Ја негуваме традицијата што сме ја наследиле од нашите родители и предци, кои со години се занимавале со земјоделство и чесна работа. Тоа искуство и љубов кон земјата денес го продолжуваме ние, но истовремено вложуваме и во современи решенија за подобро и посигурно производство. Со таа цел набавивме машина за заштита од мраз, која ни помага во најкритичните периоди да го зачуваме родот и да ги намалиме штетите од временските непогоди. Покрај тоа, работиме и на подобра организација на производството и пласманот. Имаме обезбеден откуп на производите, а дел од овошјето што се произведува кај нас се извезува и надвор од државата. Тоа е голема потврда дека со спојување на традицијата, квалитетот и новите технологии може да се постигне успех и напредок.

Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?

Во иднина планираме понатамошно проширување и модернизација на производството, со воведување нова механизација и современи технологии кои ќе го олеснат работењето и ќе го зголемат квалитетот. Целта ни е да ги зголемиме насадите, да обезбедиме уште подобар пласман и да продолжиме со извоз на домашното овошје.

Исто така, сакаме младите генерации да останат и да се вклучат во земјоделието, за да се продолжи семејната традиција и трудот што со години се градел.Веруваме дека со работа, упорност и поддршка, земјоделието има сигурна и успешна иднина.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?

Младите ќе имаат иднина во земјоделието.

Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?

Македонија има плодна земја и вредни луѓе,а тоа е нашето најголемо богатство. Ако младите останат, работат и вложуваат во својата земја, иднината ќе биде уште подобра. Кампањата за македонски производи е многу значајна бидејќи ги поттикнува граѓаните да ги поддржат домашните производи, домашните производители и македонската економија. Со купување македонско, се вложува во трудот на нашите луѓе и во развојот на државата.

 

Поврзани новости

Back to top button