Вести
Успешна сезона за наводнување во Пелагонија
Јавното претпријатие „Стрежево“, годинава на пелагониските земјоделци им овозможи успешна сезона за наводнување која веќе привршува, со што, се очекува богата летнина која е во фаза на прибирање. Стрежевци, за само три години, успеаја ефикасноста на системот во наводнувањето на земјоделските површини да ја зголемат за околу 40 проценти.
– Оваа година наводнуваме повеќе од 7.000 ха, што во споредба со 2014 година кога започнавме со 4.500 ха е значителен пораст. Количината на вода што оваа година ја потрошивме е некаде околу 34 милиони м3 иземајќи предвид дека започнавме со 104 милиони м3 односно 85% исполнетост на акумулацијата, можеме да кажеме дека околу 70 милиони м3 колку што се останати, ќе бидат сосема доволни за да кажеме дека и во наредната година ќе немаме проблем за водоснабдување на земјоделците, на индустријата и на градот Битола – рече директорот на ЈП „Стрежево“ Марјан Геровски.
Бидејќи стрежевската акумулација со својот хридропотенцијал е во одлична кондиција, во оваа насока, ЈП „Стрежево“ вложува во реконструкција на цевководниот систем и детаљната мрежа за наводнување.
– Започнуваме со реконструкција на цевководите и планираме оваа година да вложиме некаде околу еден милион евра и полека полека, онаа задача што си ја поставивме за реконструирање на цевководите на оние две илјади ха кои што сега се вон систем заради децениски дефекти, до 2017 и 2018 година ќе ги имаме комплетно реконструирани – рече првиот човек на најголемиот хидросистем во Државата.
Но, тука стрежевци не запираат. Во новачкиот дел за еден месец ќе стартува проширувањето на системот, а од идната година и во Могила, со што, стрежевските води ќе стасаат на неколку илјади хектари и на источната страна преку Црна река. Овој хидросистем кој е најсовремен и најефеикасен во Државата, според владиниот тарифник, на земјоделците им овозможува најефтина вода од само еден денар по м3 со ефикасна наплата од 98%, а ги задоволува потребите на сите корисници.