Велков-За градинарските култури тешко може однапред да се одреди производната цена
Производната цена да се формира пред пласманот на земјоделските производи, сметаат од Синдикатот на земјоделци
Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци смета дека формирањето производна цена пред продажба на одделни култури ќе ја отслика целата производна година за една култура.
– Можеби за полјоделските култури може да се искалкулира однапред некаква производна цена, бидејќи се знае како тече сеењето, прихраната и жетвата, но за градинарството и другите култури тоа ќе биде потешко бидејќи пресметките можат да бидат неточни. На почеток на производна година за овие култури не може да се предвиди колку ќе потроши земјоделецот бидејќи климатските промени прават во одделни години да се употребуваат повеќе ѓубрива или повеќе заштитни средства. Затоа е многу подобро производната цена да се формира пред пласманот на земјоделските производи. Тоа ќе биде сигурност за земјоделците при преговорите за формирање откупна цена да ја знаат долната граница. Тие и сега ја знаат производната цена, но кога ќе дојде до откупот и продажбата на културата како ништо да не важи бидејќи откупувачите имаат други калкулации – вели тој.
Моменталната состојба со формирањето на откупната цена е според пазарните услови или берзанската цена за одделни производи, па така се случува откупната цена да биде пониска од производната што секоја година одвраќа голем број земјоделци од идејата да продолжат да произведуваат.https://plusinfo.mk/