вестиМакедонијаТоп вести

Битолско, Бистрица Виолета Јанеска-Од бавчите егзистираме, на цвеќињата се радуваме

И покрај големиот ангажман со овоштарниците, Виолета од својот двор направила рајска градина.

Се верува дека цвеќето зрачи со љубов, носи среќа, па дури и благосостојба во домот. А токму тие чувства на љубов, среќа и исполнетост ќе ве обземат при првиот поглед на семејниот двор на Виолета Јанеска (38) во битолското  село Бистрица. Зелени треви убаво обликувани, цвеќиња во разнобојни бои, уреденост со мерак, која оддава слика на хармонија со природата. А за мирисите да не зборуваме, неодоливи, романтични, релаксирачки, кое го надополнуваат уживањето во оваа цветна градина. Е, сето тоа е дело на Виолета, индивидуален земјоделец, која заедно со семејство одгледува овоштарници со јаболка, праски и сливи, односно бистричко овошје кое по квалитетот и вкусот е надалеку познато.

И покрај големиот ангажман кон овоштарниците, Виолета од својот двор направила рајска градина. Главниот мотив и е љубовта кон цвеќињата, а нивниот капитал бара трпение и внимание, хармонија во домот. А може ли да има хармонија без силна машка потпора и мали детски нозе кои трчаат наоколу. Во домот на Виолета има се’.

-Јас сум голем љубител на цвеќиња и се восхитувам на убавите дворови. И мојот двор кога ќе го погледам си воздивнувам. Јас сум земјоделец, а цвеќарството ми е хоби, ја започнува Виолета својата приказна за „Зелена берза“ додека заедно со сопругот Александар и нејзините деца Мартин и Матеја не пречекаа во дворот.

Љубовта кон цвеќето таа го негува одамна, и додека била девојка го разубавувала дворот кај своите родители, но сега во Бистрица нејзиниот двор е распослан на 300 м2 и е вистинска шанса да се покаже вниманието кон зеленилото и цвеќињата.

-Од секогаш мечтаев за голем и убав двор. Кога се омажив куќата беше нова, но дворот не беше среден, иако имаше засадено некои растенија. Потребни ми беа речиси 5-6 години за да го доведам во оваа состојба, а потоа година за година да се надополнува и да се уредува, секако според финансиските можности и времето. Некогаш и покрај уморот од работата на бавчите, јас продолжувам во дворот да работам, па сопругот ќе ми рече: Одмори, зарем од дворот јадеме. Ама мене тоа ме исполнува. Сега се радувам на џунџулињата, бегониите, на секое парче цвеќе, сакам тревата да е покосена, да е се декоративно уредно, иако искрено кажано повеќе се радувам на зеленилото. За секое цвеќе читам на интернет, се едуцирам, за условите за одгледување и веќе знам кое што сака, колку вода и светлина се потребни, раскажува Виолета.

Бистричкото јаболко на Јанески редовно на трпезите на битолчани

Семејството Јанески обработува 3 хектари со овоштарници, а наскоро планираа да се занимава и со производство на костени.

-Јаболка одгледуваме на површина од 2 хектари  и тоа најголем дел од сортата златен делишес и грини смит. На околу половина хектар имаме насади со праски, и секако туку се сливите. Сега купивме нови земјоделски површини на кои ќе засадиме костени, вели Виолета.

Најголемиот ангажман на Јанески е околу овоштарниците, особено кога ќе стаса бербата на јаболка и останатото сезонско овошје, бидејќи се сами работат.

-Кога ќе дојде време за берба на јаболката два месеци сме на бавчи, затоа што се правиме сами, односно овоштарниците ги работиме заедно, тимски,  со родителите и братот на мојот сопруг, без да ангажираме аргати. Работата е поделена и затоа успеваме. Годишно произведуваме од 50-60 тони јаболка, наведува таа.

За бистричкото јаболко на Јанески нема сомнеж во квалитетот, семејството речиси 80 проценти од родот го продава на пазарот во Битола, каде имаат редовни муштерии, а остатокот на прекупци од Скопје.

-Земјоделието и производството на јаболка, за мене е задоволство. Работа која ја работиме со љубов. А, се што се работи со љубов оди напред. Имаме желба да сработиме и затоа се постигнуваме, иако како и во секоја работа и овде има тешкотии, вели Виолета.

Оваа млада жена подеднакво е вешта и во кујната, каде особено се истакнува со месени и сукани специјалитети од тесто: погачи, кифли, зелници. И како што вели и готвењето го прави со особено внимание.

-Второто задоволство ми е готвењето и месењето, тоа многу ме исполнува. Членувам во „Битолска софра“ и моите јадење ги споделувам со други вљубеници во готвењето. Но, ако ме прашате колку брашно ставам во кифлите нема да можам да ви кажам, бидејќи тука се работи за искуство, вели Виолета, која за тимот на „Зелена берза“ направи палачинки со домашно подготвено слатко од јагоди.

Анета Блажевска

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close