вестиРурална ЖенаТоп вести

 Вистинските земјоделци никогаш не му вртат грб на земјоделието

 Вистинските земјоделци никогаш не му вртат грб на земјоделието

 

Педесетгодишната Снежана Тасевска од тетовско Туденце е една од ретките жени земјоделки, кои никогаш не му свртела грб на земјоделието. Потекнува од земјоделско семејство, како нејзините родители така и таа и покрај другите дејности со кои се занимавала, не се откажала ниту еден ден од нивите и стоката.

Кога го започнавме разговорот и ја запрашавме како гледате на земјоделието таа ни одговори –  Оди напред , ама не плукај во стариот бунар, мислејќи не земјоделската површина која ја поседува.

Таа како и многу други земјоделци од тетовско се занимава со како што вели од се по малку. Не оди на квантитет туку на квалитет.

Снежана може да ја видите секој четврток на тетовскиот зелен пазар. Се што може да се купи во овој период од годината,  го имаше кај неа.

-Од  дете се занимавам со земјоделие. Израснав во земјоделска куќа. На 18 години сум се вработила во конфекција, а останатото време сум се занимавала со земјоделие. После бев прогласена за технолошки вишок од Тетекс, излегов од работа, потоа продолжив да работам други работи како хигиеничарка во училиште и тоа беше кратко, ама пак се снаоѓав муштериите да не ги напуштам, продолжив со земјоделието. Сега и пари да ми даваат не се враќам во конфекција, дека народот треба да јаде и земјоделието никогаш нема да пропадне,  ако народот е задоволен од таа природна храна која му ја продаваш, тој ја бара на пазарот. Спрема можностите толку и народот плаќа да не претеруваме, ама човек може да опстане од земјоделие, ако сака да работа. Сите велат дека од земјоделие нема леб , ама тој што вика дека од земјоделие нема леб, тој најмногу се занимава со земјоделие и ја проширува дејноста. Ако лично за себе произведуваш и малку продаваш, тогаш пак се опстанува, вели Тасевска.

Вели дека и порано и сега  може да се опстане од земјоделие, тоа е гранка која вели никогаш не може да пропадне. Ако имаш постојани муштерии, тогаш тие дури ќе ти бараат и зимница да им правиш од природни квалитетни производи.

-Порано кога сум била дете, знам дека се земало пари од земјоделие, ама за тоа водел евиденција татко ми тој купувал нафта и други работи. Сега со групата на здрава храна цените се подобри. Јас произведувам од се по малку, од млечни производи од градинарски до ситни зрнести производи. Имам редовни муштерии кои ги имам 20 години и како проаѓа времето имам и други муштерии и ми нарачуваат, така да оди работата. Некој од есен ти се јавува и ќе ти нарача да му направиш ајвар, кисела зелка, туршија, ние на природна храна одиме како петли, јајца и тие муштериите за таа храна плаќаат задоволително. Син ми вика добро бе мамо еден четврток одмори не мора да одиш на пазар, а јас му велам ама ми нарачале веќе и тој ми вели нека земат од друг муштерија, а јас му одговарам мене не ме менуваат и јас нема срце да не одам на пазар. Ми се чини ако не одам муштеријата ќе остане гладен, тој ќе се снајде секако, но мене такво ми е чувството ако не одам во четврток на пазар, вели Тасевска.

Надеж за руралните средини во тетовско Сиричино

 

И додека селата се празнат, во тетовско Сиричино соседно село до Туденце за последниве неколку години има изградено дваесетина нови куќи. Семејствата се претежно дојдени од Тетово. Велат дека гужвите и хаосот во градот се неподносливи и затоа решиле да се преселат во село. Средината велат им е примамлива, чиста земја реката Вардар, планината.

-Ќе посадиме лукче и кромитче и радосни сме, затоа што знаеме дека тоа што го произведуваме е здраво. Ние одиме на мало производство и затоа ние користиме домашно ѓубриво, јас лично тоа вештачкото не го препорачувам, фрли пари за вештачко ѓубриво и ќе земеш нешто плус и што си зел ништо не си зел. Што ќе даде господ тоа е најдобро. Ние кои произведуваме помалку, ние не користиме вештачко ѓубриво, вели еден нов жител од Сиричино кој го напуштил Тетово.

Тасевска Снежана вели дека миграцијата град село е невообичаена , но може да ја има се почесто како во случајот со тетовско Сиричино каде се доселуваа народ од град. Според неа, потребно е само државата да обрне поголемо внимание кон руралните средини, но и кај земјоделието, каде во овие подрачја е основна гранка.

-На пример кооперантите за млеко ако имаат залиха на млеко, се однесуваат со нас лошо. Ако имаа недостаток на млеко не им важен квалитетот земаат и бегаат што се вели, а ако имаа млеко повеќе, ти велат расипано е твоето, па маснотија има и те враќаат и тука сме малку угнетени. Затоа ако можеш да го изработиш и да го преработиш млекото, како јас еве правам сирење и урда, далеку повеќе имаш заработувачка отколку да ти дадат 20 денари за млеко, па ти велат на лето има многу млеко, па тогаш цената е 18 денари , значи нема постојаност, нема стандард цена. Ти велат тој што произведува повеќе млеко за него е поголема цената, нема мислам врска кој колку произведува сите треба иста цена да добиваат, вели Тасевска.

Единствен проблем на кој не може да му се спротивставиме  се климатските промени , но и за тоа има лек вели таа.  Како и сите селани таа го прати времето, па така за време на сушни периоди садат порано од вообичаено, ако има сонце повеќе тука се пумпите и водата и така ги надокнадуваме промените од климата, додава неуморниот земјоделец Тасевска.

Зоран Димовски

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close