Влада: Поддршка за складирање на пченица и јачмен
Владата донесе одлука со која освен за пченицата како земјоделстви производ и за јачменот ќе може да се добива финансиска поддршка за складирање.
На вчерашната седница, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата донесе одлука и за јачменот како земјоделски производ може да се однесуваат интервенциски мерки. Со одлуката се овозможува поддршка за складирање од родод од годинава заради нарушување на односот помеѓу понудата и побарувачката и стабилизација на пазарот со јачмен, што значи обезбедување пониска цена за складирање или покривање на трошоците за складирање на јачменот. Станува збор за зголемување на поддршката за складирање за пченица и јачмен од 60 денари на 120 денари по тон за месец, со вклучен ДДВ.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски изјави дека со оваа интервентна мерка се обезбедува поддршка на земјоделците за складирање на јачменот и пченицата во рок од девет месеци, а претходно оваа поддршка траела два месеца.
„Овозможуваме субвенционирање на складирање на пченицата и јачменот во складишните капацитети од девет месеци, што значи 120 денари по тон, од месец. Тоа е поддршка за сите земјоделци“, изјави Николовски.
Тој посочи дека оваа мерка е преку Програмата за директни плаќања, а е со цел на земјоделците да им се обезбеди поголема сигурност и да ги продадат пченицата и јачменот тогаш кога сметаат дека се најдобри откупните цени.