Со засенување спречете ги изгорениците на плодовите

(Oвој напис е објавен на: July 9, 2019)

Моменталните високи температури се причина за појава на изгореници на листовите и плодовите на зеленчукот. Ова е особено изразено кај пластеничното производство, каде сончевите зраци дополнително ја зголемуваат температурата во просторот во кој се одгледуваат растенијата. Во такви услови, создавањето на сенка на покривниот материјал има клучна улога за одржување на оптимални метаболички процеси кај растенијата.

Екстремните отстапувања од оптималните температурни граници имаат негативни последици врз вегетативниот и генеративниот раст на растенијата.

Имајќи предвид дека, големиот број на зеленчукови култури кои интензивно се одгледуваат во заштитени подрачја се вбројуваат во групата на мезофилни растенија кои својот максимален развој го имаат при умерени температури (10-30oC), a високите температури негативно влијаат врз развојот на истите. Влијанието на високите температури се изразува со денатурализација на протеините и зголемено дишење и транспирација на растенијата при што доаѓа до губење на тургорот во растенијата, а подоцна и до сушење. При температура од над 40 oC доаѓа до нарушување на физиолошко биохемиските процеси во растенијата и често до синтеза на отровни и штетни материи во растенијата.

Тоа на одредени растенија се одразува како горчлив вкус. Зголемената температура во поединечни култури (лубеницата) може да доведе и до намалување на акумулацијата на шеќер.

Негативното влијание на високите температури во присуство на долго траење на дневната светлина може да резултира со премин на растенијата (спанаќот) во генеративна фаза и создавање на семе, наместо зелена маса. Долготрајните високи температури негативно влијаат и на процесот на фотосинтеза. На овој начин, може да се предизвикаат и деформитети на плодовите. Истражувањата покажуваат дека, иако земјиштето може да биде доволно снабдено со калциум, високата температура и ниската релативна влажност, можат негативно да влијаат на неговото усвојување и да доведат до појава на трулеж на плодовите.

Постојат неколку начини за создавање на сенка. Од материјали може да се користат: мрежи за засенување со различна густина, зависно од видот на растенијата. Материјалите за мрежите се полиетилен (како и за фолијата) и полипропилен со различен начин на ткаење. Во зависност од начинот на ткаење и распоредот се лимитира и густината на мрежата. Во пракса, за засенување се користи 50% зелена мрежа, додека за поголем степен на засенување најчесто се користи мрежа со темна боја. Исто така, во употреба се и бела, жолта, плава, сива и црна мрежа.

Покрај користењето на мрежи се користат и природни начини на засенување. Тоа се вар и земја. Варта, најчесто се користи како премачкувач преку фолијата на пластеникот, а во зависност од степенот на разреденост, дефиниран е и степенот на засенување на пластеникот. Со варот може да се употребуваат и додатоци. Од природните препарати, најчесто во употреба се млеко, масло, детергент.

Употребата на земја, претставува наједноставно решение, но и најкраткорочно. Слично, како и уппотребата на варот од степенот на разблаженост на земјата зависи и степенот на засенување на површината. Сите наведени начини на засенување се економски рационални, но многу краткорочни. Притоа, многу е важно да се посвети внимание на употребата на хемиски бои, кои можат да ја оштетат фолијата на пластеникот, посебно доколку фолијата е стара, но и негативно да влијае на конструкцијата на пластеникот.

Засенувањето со премачкување е долгорочно и оптимално за раст и развој на растенијата. Материјалите за премачкување се употребуваат како редукциски филтри кои пропуштаат светлост со точно одредена бранова должина. Овој светлосен спектар овозможува оптимален раст и развој на растенијата, а истовремено ја намалува температурата во пластеникот за 3-5oC. Од друга страна, употребата на мрежи како физички бариери не ја намалуваат брановата должина на светлината, туку само го спречуваат продирањето на сончевите зраци.

Секако, покрај наведеното, многу е важно, пластеникот да биде позициониран, така што во најтоплиот дел од денот светлоста во одредена мера да се намалува. Притоа, многу е важно да се посвети внимание на начинот на создавање сенка.

 

Зелена берза

Share Button