fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Владо Симонов последниот сточар во Карбинци

Килограм јагне жива мера колку килограм пиперки или домати, сточарството стана неиздржливо се жали сточарот Симонов.

Семејството Симонови од село Карбинци три генерации одгледуваат овци. Од последното колено на оваа лоза, 63 годишниот Владо Симонов, сега чува 70 овци, а во стадото до лани имал 320 грла добиток. Разочаран од состојбите во овчарството Владо не е оптимист дека ќе се подобрат работите, па уште оваа година ќе чува овци додека отиде во пензија. Стадото планира да го продаде и да стави крај на семејната традиција.

-Доста е, ќе ги продадам овците, овчарството пропаѓа, се пожали Симонов. Разочаран од откупната цена на јагнето искусниот овчар вели-„Што да ги чувам, ни даваат 90 -100 денари за килограм жива мера. Еј, срамота е, јагне е тоа не е килограм пипер или домати. Ако цената е под 180 денари нема сметка да ги чуваме овците, разочаран е нашиот овчар,  според кого овчарството сега е најзапустена гранка.

-Килограм тутун е 200 денари, а јагнето 100 денари. Месо да јадеш или тутун да се труеш, што уште треба? Цената е катастрофална, понижувачка за нас сточарите кои одгледуваме овци, вели Владо, додавајќи дека овчарите со години работат со загуба и дека нема друг излез освен да ги продадат стадата. Симонов вели дека оваа година договорил една цена за јагнињата, а  трговецот ја спуштил 10 денари пониско, па така јагнињата за Божик ги продал за 90 денари килограм жива мера.

Во Карбинци своевремено се одгледувале над 1.000 грла добиток

-Во Карбинци имаше 1.000 овци, а сега јас сум единствен што чува овци. Продадов 300, овие седумдесеттина што ги имам ги пасам во  атарот на селото покрај реката и на нивите, бидејќи овде нема доволно пасишта. А и самиот не знам зошто плаќам пашарина?, вели сточарот.

Владо ги чека парите од 2.500 денари за  оставено женско јагне од најавената дополнителна поддршка за овчарите поради актуелната криза, зошто други субвенции не зема.

Тој смета дека поддршката од државата за ова гранка треба да е поголема.

Пасиштата се претвораат во ораници

Итни мерки за спас на сточарството побараа и повеќе земјоделски здруженија од Источниот регион. И тие се пожалија на ниските откупни цени на јагнето и млекото, а реагираа и на изораните пасишта, поради што  биле приморани да ги намалуваат стадата. Според универзитетскиот професор Татјана Прентовиќ бројноста или обемот на добиточниот фонд укажуваат на тоа дека имаме едно условно грло на два до 3 хектари пасиште. При интензивно сточарство оваа бројка треба да биде поголема односно да биде две грла на еден хектар површина. И во вакви околности таа смета дека постои решение на проблемот со пасиштата претворени во ораници.

Пред неколку години се најави изработка на Регистарот на пасишта и изработка на студија за утврдување на фактичката состојба на пасиштата во Источниот регион. Досега придобивка од ова не видоа сточарите во Штипско- карбински Регион. Во овој дел се регистрирани околу 200 овчарски и 60 козарски фарми. Од некогашните регистрирани 45.000 грла на овци и околу 5.000 кози, бројот се намалил на 30.000 глави на ситен добиток. Неофицијално околу 400 сточари плаќаат пашарина.

Во овој крај нема ни овчари, и тие можат да се избројат на прсти. Повеќето ангажирани за оваа работа доаѓаат од други места.

-Тешко се наоѓаат овчари. До 600 евра бараат плата, а од каде да им најдеме, вели Симонов.

Годинава во Штипско се откупија само 20.000 јагниња од планираните 40.000 на почетокот на кризата и во шпицот на извозот на македонското јагне, изјави Тодор Мушевски, претседател на земјоделското здружение „Агро-Продукт“.

Јулија Малинова

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close