И понатаму нестабилно време и можност за појава на болести кај земјоделските култури велат агрометеорoлозите
Високите дневни температури и врнежите во изминатиот период позитивно влијаат на порастот на пролетните култури, мониторингот на суши укажува на тоа дека имаме од нормална до умерена влажност. Овие денови се очекува отпочнување на зреење на есенскиот јачмен, кој вообичаено во овој период, минатите години бил и во полна зрелост и се вршела жетва на истиот, што не е случај оваа година заради зимската и пролетната суша, пред да настапат врнежите, се вели во агрометеото на УХМР.
Нестабилното, топло и спарно време од изминативе неколку денови, ќе продолжи и во наредниот период, локално е можна појава на невреме со пороен дожд и грмежи, а дневните температури ќе се движат од 25-35 0 С. Оваа состојба повторно може да влијае негативно за отпочнување на одредени активности на земјоделците и зголемена појава на штетници и болести, на кои овие временски услови поволно влијаат за нивни развој. Според моделите за прогноза на болести кај лозјето, створени се услови за секундарна инфекција од пламеницата.
Со цел да не се трпат поголеми штети особено кај овошните и лозовите насади земјоделците потребно е да се советуваат со стручни лица, за да може навреме да се реагира.
П.Ј.