Внимавајте со младото сирење: Бруцелозата се уште присутна во Македонија

(Oвој напис е објавен на: February 27, 2017)

Во 2015 година, вкупниот број на населби кои се зафатени со бруцелоза изнесува 21 (16 селски и 5 градски населби). Најголем број населени места зафатени со бруцелоза (5) има на територијата на ЦЈЗ Прилеп (4 селски и 1 градска), следува ЦЈЗ Штип со 3 населени места (2 селски и 1 градска), покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.

Бројот на зафатени населени места во 2015 година (21) е за 27,6% помал во однос на 29-те зафатени населби со бруцелоза во 2014 година. Во десетгодишниот период 2005–2014, во просек на годишно ниво се регистрирале заболени лица од бруцелоза во 96 населени места (повеќе од 4,5 пати во споредба со 2015).

Најмал број на зафатени населени места во овој период се регистрирани во 2013 година (27, со 36 заболени лица), додека најголем број населени места (158, 490 заболени лица) се регистрирани во 2008 година.

vnimavajte so mladoto sirenje brucelozata se ushte prisutna vo makedonija

 

Возрасна дистрибуција

Распределбата на заболувањето по возрасни групи го задржува трендот на пријавување на најголем број заболени во повозрасните категории, така што во 2015 година 95,5% од пријавените случаи на бруцелоза се на возраст над 20 години, што е на скоро исто ниво во однос на 2014 година (95,0%).

Просекот на пријавување на лица на возраст од ≥20 години за претходниот 34-годишен период (1980-2013) е 77,3% од случаите.

Најголем број (6) и процент (27,3%) од пријавените случаи во 2015, се лица на возраст над 60 години (споредбено, во 2014 – 12 лица или 30,0% припаѓале на возрасната група од 40-49 години).

Во однос на возраста на заболените, највисокa специфична инциденца во 2015 година е регистрирана кај возрасната група од 40-49 години (1,7/100.000), исто како и во 2014 година кога специфичната инциденца регистрирана во оваа возрасна група изнесувал 4,1/100.000.

Најниска е специфичната инциденца кај лицата на возраст од 30-39 години каде се регистрирани два случаи (I=0,6/100.000) и од 0-6 години (1 случај, I=0,6/100.000), ако ги исклучиме возрасните групи од 7-9, 10-14 и 15-19 години, каде нема регистрирано заболени лица. За споредба, во 2014 година најниска специфична инциденца е регистрирана кај возрасната група од 15-19 години (I=0,7/100.000)

Во периодот од 1980-2013 година, кривата на просечната специфична инциденца по возраст покажува два пика и тоа кај возрасната група од 15-19 години (20,1/100.000) и кај лицата на возраст од 50-59 години (18,8/100.000). Најнискиот просечен специфичен морбидитет во периодот од 1980-2013 година е забележан кај најмладата возрасна група од 0-6 година (8,7/100.000 жители).

Полова дистрибуција:

Во структурата на заболените лица од бруцелоза по пол, во текот на 2015 година, учеството на машката популација е повисоко и изнесува 81,8% (18 заболени), наспроти 18,2% учество на женската популација (4 случаи), што претставува минимално зголемување во однос на минатата 2014 година, кога односот мажи-жени изнесуваше 80%:20%.

Вaквата предоминација на машкиот пол кај бруцелозата е карактеристична и се бележи со децении наназад. Сепак, соодносот на учеството помеѓу мажи и жени, просечно, на годишно ниво за периодот 1980 – 2014 година бележи поголемо приближување на двата пола, според процентите на учество (66,5%:33,5%)

Изразено во бројки, од 340 регистрирани случаи просечно годишно, 226 биле мажи, а жени 114.

Полово-возрасната дистибуција на заболените од бруцелоза во 2015 покажува сличен сооднос како и кај вкупниот број на заболени, односно во сите возрасни групи каде има регистрирано заболени, машката популација учествува со повисок процент во однос на женската во сите возрасни групи, освен во возрасната група од 30-39 години каде има по едно заболено машко и женско лице.

Во возрасните групи до 7-9, 10-14 и 15-19 години, нема регистрирани заболени лица, а дополнително во возрасните групи од 0-6 и 20-29 години нема регистрирани заболени лица од женски пол

Дистрибуција по место на живеење:

Се задржува трендот на почесто заболување со бруцелоза на жителите во руралните средини, па така 72,7% од заболените лица живеат на село, додека највисок процент на застапеност на рурално население од 2005 година наваму е регистриран во 2012 година (79,3%).

Останатите 27,3% од заболените во 2015 година, живеат во градска средина (во 2014, застапеноста на градското население изнесува 32,5%, а највисок процент на учество на оваа група е забележан во 2009 и изнесува 36,9%).

Во претходниот 10-годишен период (2005 – 2014), учеството на жителите од руралните населби во поглед на структурата село – град се движи од 63,1% во 2009 година до 79,3% во 2012 година.

Просечно годишно, за анализираниот период 2005-2014, соодносот во дистрибуцијата село-град изнесува 70,9%:29,1%, приближно како и во 2015 година (72,7%:27,3%).

Начин на заразување:

Согласно податоците за заболените лица и рецидиви кои се на располагање, констатирано е дека најголем процент од заболените лица (58,3%) имале контакт со животни – најчесто овци, кози и крави, односно ракувале со месо и месни производи, учествувале во чување и манипулација со стоката/нивните младенчиња при породување/абортус, иако дале податок дека се невработени лица, домакинќи, земјоделци или пензионери.

Четири лица негираат контакт со животни, а за 3 лица нема информации.

Од вкупниот број на заболени, 5 лица (20,8%) изјавиле дека консумирале продукти од животинско потекло: едно лице – неварено млеко, а 4 лица – младо сирење. Ниедно заболено лице не конзумирало од двата производи истовремено.

Испреплетувањето на контактниот и алиментарниот пат на пренесување на бруцелозата, особено кај одгледувачите на стока е многу често. Во текот на 2015 година, 12,6% пријавиле и контакт со стока и консумирање на непреработени или недоволно термички преработени животински продукти истовремено (млеко, сирење), така што не може да се исклучи, односно потврди точниот начин на стекнување на заболувањето.

Хоспитализација:

Од регистрираните 22 заболени лица од бруцелоза во 2015 година (согласно законската регулатива хоспитализација за заболените од бруцелоза е задолжителна!), а според податоците од пристигнатите епидемиолошки анкети, болнички лекувани биле само 13 лица (59,1%).

Овој процент е за 9,1% поголем во однос на хоспитализираните во 2014 година. Од вкупно пријавените случаи, 6 лица не се хоспитализирани, а за 3 нема податок. Од двата пријавени случаи на рецидив на болеста, едниот е лекуван во дневна болница, а за другиот нема податок.