Во 2019 година проектирани 10,5 милјарди денари за земјоделство, повеќе пари за капитални инвестиции
Во Предлог-буџетот за 2019 година за секторот земјоделство проектирани се 10,5 милјарди денари кои според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски треба да придонесат кон создавање на модерно и конкурентно земјоделство.
Планираната вкупна финансиска поддршка за земјоделството е над 8,5 милијарди денари од кои над 6,6 милјарди денари се наменети за субвенции, а зголемување на средствата има во Програмата за рурален развој каде за 2019 година планирани се 1,7 милјарди денари и во кофинансирањето за ИПАРД програмата каде се проектирани 151 милион денари.
Следната година, како што денеска на прес-конференција најави министерот Николовски, посебен фокус ќе биде ставен на реализацијата на капиталните инвестиции во водостопанството каде се предвидени средства во висина од 428 милиони денари. Од нив, за проектот Јужновардарска долина втора фаза се одвоени 184 милиони денари, 26,7 милиони денари за хидросистемот „Лисиче“ и 212 милиони денари за хидросистемот „Злетовица“. Во Предлог-буџетот обезбедени се и средства за браната „Конско“ кај Гевгелија и за системот Равен-Речица, а ќе се гради и браната Речани кај Кочани.
Во однос на „зелената нафта“ за која во Предлог-буџетот се предвидени средства за покривање на 30 проценти од трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација, министерот Николовски рече дека процедурите се при крај и оти во моментот се одржуваат состаноци со банките.
– Ни требаат сите согледувања бидејќи станува збор за 55 илјади нови клиенти. За разлика од другите мерки од Програмата за директна поддршка, оваа мерка е поврзана со издавање на платежна картичка, односно со нова трансакциска сметка којашто треба да ја имаат земјоделците и која ќе биде кодирана со цел да биде користена единствено за набавка за гориво за механизација, појасни Николовски.
Најави дека во петок ќе излезе и вториот повик за продажба на земјоделско земјиште под оранжерии. Првиот повик за продажба на земјоделско земјиште под оранжерии беше распишан годинава и за него имаше 19 апликации. – Со овие два повика до крајот на годината ќе ги опфатиме сите во делот на земјоделско земјиште под оранжерии со што тие за првпат ќе може да си го откупат земјиштето, рече Николовски.
Следната година, како што истакна Николовски, во план е за малите земјоделски стопанства до еден хектар да има фиксен износ на субвенции.