fbpx
ВестиТоп вести

Доцни есенската сеидба на житните култури

 

 

Сушниот период  е главната причина што есенската сеидба  во најголемата житница во државата доцни. Оптималните рокови одамна се надминати. Погледите на земјоделците свртени се кон небото очекувајќи дожд. Земјата е многу сува и земјоделците не може да ја орат. Земјоделците се ставени пред свршен чин. Според традицијата до верскиот празник Петковден нивите треба да се изорани и посеани. Но од планираните површини само 10% се посеани.

Досегашното искуство пак покажува дека во Пелагонија  се сеело и во декември. Земјоделците се загрижени, ги газат роковите, а дожд нема.

Најголемиот дел од површините кои ќе бидат опфатени со есенската сеидба ќе бидат засадени  со пченица и јачмен, додека останатите култури се застапени во помал процент.

 

„Многу е тешко, проблем  е сушата, не се ора. Ниту 10% од предвиденото не е сработено. Земјоделците што имаат поголеми трактори  наместо со плугови, бидејќи земјата е многу тврда, пробуваат со тањирачи и сеат, но скептици се бидејќи нема влага во почвата. Пред една недела  заврна дожд, ама тоа не беше доволно ниту прашината да се земе. Да имаше барем 20л дожд на метар квадратен ќе беше многу подобро“, вели Мијалче Чагорски од с. Могила.

 

Слична е состојбата и на други места во Пелагонија. Климатските промени си го прават своето така што земјоделците во Пелагонија мака мачат или со суша или со дождови и многу влага. Искуството покажува дека и покрај проблемите што им ги прави сушата, подобри успеси се постигнуваат со сеење во суша, отколку во многу влага. Потребни се посебни агромерки во вакви услови, велат добрите познавачи на состојбите.

 

„Сеидбата оди тешко. Земјата е многу сува.Во вакви услови не се ора туку се оди со тањирање и директно сеење.  Направив структура од околу 20 см и два три пати поминав по површините   со тањирачите. Во вакви услови треба многу да се внимава на мртва влага. Доколку се појави,  треба да се почека да се исуши па потоа да се сее. Ризично е да се сее на таква површина оти семето нема да никне подеднакво, вели Владе Крстевски од с. Горно Агларци општина Новаци. До сега посеав само 4 ха, ако дозволат условите ќе посеам уште еден ха со пченица. Планирам  4 ха со пченка и нешто сончоглед, но ако не дозволуваат условите ќе останат за подобри времиња. Употребив семенски сертифициран материјал и употребив повеќе семе од вообичаено од 230 – 250 кг/ха“, додава Крстевски.

Што се однесува до ѓубривото доколку никне пченицата ќе ѓубри, во спротивно таа операција ќе ја одложи за на пролет, појаснува Крстевски.

 

Станува извесно дека сеидбата ќе биде пролонгирана за повеќе од 15 дена потврдуваат  од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

 

„Имајќи ја во предвид  прогнозата на УХМР, односно отсуството на врнежи и во наредниот период, веќе станува извесно пролонгирањето за повеќе од 15 денови. Заради сушата земјата тешко се обработува и ги зголемува производните трошоци. Исто така, оваа состојба може да ја зголеми и сеидбената норма за 10%, со цел да се надоместат евентуалните губитоци, имајќи во предвид дека за да се добие оптимален принос од околу 4,5 до 5 т/ха, потребен е склоп од 550-650 растенија/м2,“ вели м –р  Зоран Бардаковски раководител на одделението  за регион Битола во АПРЗ.

Климатските промени ги менуваат навиките на земјоделоците, така што сеидбата на житните култури скоро секоја година се оддолжува. Слична е состојбата и во другите региони во земјата.

Во ваква состојба стручните лица препорачуваат да се употребуваат квалитетни семиња, навремена заштита и применување на сите агротехнички мерки.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close