Во Демир Kапија ќе се полни вино за кинескиот пазар

Вински капацитети ќе се градат на локација во Демир Kапија, градежната парцела е веќе купена и се очекува за шест месеци објектот да биде готов. Во него за почеток годишно ќе се полнат околу 200 илјади шишиња вино од македонски винарници, наменето за кинескиот пазар. Се работи за заедничка кинеско-македонска инвестиција, која ќе донесе и нови вработувања во Демир Kапија.

1-najpoznati-vidovi-na-crveno-vino-www.kafepauza.mk_

– Неочекувано се најдов во винскиот бизнис. Работната кариера ја започнав како професор по англиски јазик. Еден период бев ангажиран за дистрибуција на артикли за големите бродови, меѓу кои и вино. Сомелиер сум од второ ниво, а виното е дел од мојот живот од пред пет години – вака ја започна својата винска приказна 50-годишниот Ли Фенг од Kина.

За Македонија знаел само преку книгите кога читал за Александар Македонски. Македонското вино го открил благодарение на скопјанецот Љупчо Петровски со кого почнал да соработува, а сега и заедно ќе инвестираат во Демир Kапија.

– Сакам да дегустирам вино. Преферирам црвени вина, особено ми се допаѓа македонскиот „вранец“. Ако зборуваме за љубов кон виното, тогаш јас сум заљубен во „вранецот“. Има добри странски вина со многу високи цени наспроти некои македонски вина кои се со приближно ист квалитет, а неколку пати поевтини. Затоа сметам дека „вранецот“ и тоа како може да се трка со светски поскапи вина на пазарот – рече тој.

vo demir kapija kje se polni vino za kineskiot pazar

Неговиот ортак ни кажа дека многу малку е пробиено македонското вино на големиот кинески пазар. Освојувањето на тој пазар би било многу значајно за Македонија.

vranec-veritas

– Сакаме да понудиме вино по вкусот на потрошувачите на тој пазар. Нивната кујна е претежно лута. Се бараат благи вина. На Kинезите исто така им е битна и амбалажата на виното. Виното е феномен кој не е од многу одамна присутен таму. Имаме две целни групи. Првите сакаат барикирани одлежани вина. Вторите, пак, милуваат вино за широка потрошувачка. Бараат нешто карактеристично за нашата земја и ние затоа го промовираме „вранецот“. Околу 95 проценти од бизнисот ќе биде со црвено вино, од кое околу 90 отсто „вранец“. Во нашиот капацитет виното ќе се доработува толку колку што дозволува законот и ќе се извезува во сопствена амбалажа. Одиме со разумни цени, со цел што повеќе да пласираме од македонското вино на тој пазар – појасни Петровски.