Во Кочанско над 100 хектари државно земјоделско земјиште под закуп

(Oвој напис е објавен на: August 22, 2017)

До 5 октомври трае огласот за закуп на 600 хектари државно земјоделско земјиште во осум региони – Виница, Битола, Гевгелија, Ресен, Струга, Кавадарци, Кратово и Кочани.

Најголеми површини од 102 хектари се нудат во Кочани, и се наоѓаат во атарите на селата Оризари, Лепопелци и Соколарци, додека во општина Виница се нудат четити хектари државно земјиште кои се лоцирани во село Пекљани. Овие површини  се наменети исклучиво за производство на земјоделски култури. Изборот на закупувачите ќе биде по пат на јавно наддавање, а времетраењето за користење на земјиштето ќе биде различно.

Почетната цена на закуп за еден хектар се утврдува во зависност од местоположбата и од катастарската класа и се движи од 15 до 120 евра. Предвидено е идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат, парцелите да ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.

Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица кои мора да достават и банкарска гаранција за учество на јавниот оглас во висина на понудена деветмесечна закупнина.