Во кривопаланечкото село Конопница започнуваат градежните работи за малиот систем за наводнување
ЕУ ја поддржува изградбата на три нови системи за наводнување од мал обем во Конопница (близу Крива Паланка), Пишица (близу Штип) и Теарце (близу Тетово) со 2,5 милиони евра.
Во земјоделската област во кривопаланечкото село Конопница денеска ќе почнат градежните работи финансирани од ЕУ за малиот систем за наводнување.
Како што најавија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, почетокот на градежните работи ќе го одбележат заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
ЕУ ја поддржува изградбата на три нови системи за наводнување од мал обем во Конопница (близу Крива Паланка), Пишица (близу Штип) и Теарце (близу Тетово) со 2,5 милиони евра. Само системот Конопница опфаќа гравитациска цевководна мрежа од 4,4 километри со вкупна површина од 42 хектари обработливо земјоделско земјиште кое се протега по течението на реката Криво Мосте. Над 100 земјоделци ќе имаат корист од овој еколошки систем за наводнување. Ваквите системи за наводнување придонесуваат за здрава почва, што дополнително овозможува здрава храна по пристапна цена. Овој пристап „од Фарма до вилушка“ е во срцето на Европскиот зелен договор, чија цел е да ги направи прехранбените системи правични, здрави и еколошки.
Васало потоа ќе го посети Јуроп Хаус во Крива Паланка, каде што ќе се одбележи Меѓународниот ден на Ромите со претставници на граѓанското општество и млади активисти кои ја промовираат вклученоста на Ромите во североисточниот регион. Преку дискусија на тркалезна маса насловена „Социјалната вклученост на Ромите низ очите на младите Роми“, локалните чинители ќе се осврнат на некои од предизвиците со кои се соочуваат Ромите во денешно време.