Во Македонија не се увезени сурими ракчиња од Јапонија
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека досега нема добиено нотификација за небезбедна пратка сурими ракчиња по потекло од Јапонија. Според Системот за евиденција на влез и транзит на пратки од животинско потекло на Агенцијата за храна и ветеринарство, увоз на ваков вид производ од Јапонија не е извршен.
– Невистинити се објавите по социјалните мрежи дека во земјава се увезени вакви небезбедни производи за кои и од објавените фотографии на декларацијата се гледа дека се со потекло од Кина, а не од Јапонија. Рибите и производите од риба и морските плодови кои се увезуваат во Република Македонија се безбедни. Тие се увезуваат од земји, региони и објекти кои се одобрени за увоз и задолжително се пропратени со ветеринарно – здравствен сертификат со кој врз основа на извршени лабораториски анализи се гарантира безбедноста, вклучително и извршено лабораториско испитување за радиоактивност, наведува АХВ.
По нуклеарната несреќа во Фукушима, Јапонија, АХВ донесе Решение за задолжително лабораториско испитување радионуклиди во пратки со храна за исхрана на луѓе и пратки со храна за исхрана на животни кои потекнуваат или се испорачани од Јапонија, наменети за увоз во Македонија. Согласно ова решение, овој вид пратки задолжително се испитува на радионуклиди пред и по увозот во земјава. Пратките не се пуштаат во промет додека не се добие резултат од анализите со кои се потврдува безбедноста.
– Во досегашните испитувања не се евидентирани отстапувања во поглед на безбедносните критериуми на пратките со риба, производи од риба и морските плодови кои се увезени во земјава. Годинава, од страна на официјалните ветеринари на граничен премин, како небезбедна не е вратена ниту една пратка со овој вид производи. Ваквата храна е предмет на контрола и во внатрешниот промет, дополнува АХВ.
Од почетокот на годинава досега, на македонскиот пазар се увезени 6.316.202 килограми риба, производи од риба и морски плодови. Најголемиот увоз реализиран е од Аргентина, 1.904.129 килограми, и од Тајланд, 1.006.555 килограми од овие производи. Помали количини се увезени од уште 45 земји, меѓу кои Кина, Шпанија, Грција, Виетнам, Норвешка, Хрватска, Тунис, Италија, Турција, Кореа,…