fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Во најголемото село во државата се обработуваат само 10 % од нивите

Гостиварско  Чегране е најголемото село во Македонија. На последниот попис броеше над 14 000 жители и над 1000 ученици. Но сега половина од жителите се иселени, а училишните клупи се речиси празни.

Ова населено место се наоѓа на една од најубавите локации што би ги посакал еден земјоделец. Покрај селото тече реката Вардар незагадена, ако се земе предвид дека од изворот Вруток реката само поминува низ Гостивар и во атарите на две села.

Во близина има пасишта, шума, a тука се Гостивар и Тетово како добра можност за пласирање на земјоделски производи.

Овие поволности Чегранци ги користеле, но постепено од година во година поради проблемите во земјоделската дејност, тие се откажуваат од оваа гранка. Од Месната заедница од Чегране, велат дека работата е дотаму дојдена, што во селото сега се користи 10% од земјоделската површина.

-И порано немало работа како и сега, но порано барем од земјата се живеше, сега слабо. Нема каде да го пласираме производот, нема откупни центри, катастрофа е работата. И субвенциите на кои најмногу се надеваме ни доцнат, рече еден земјоделец од село Чегране.

Голем проблем кој го посочуваат луѓето кои се занимаваат или се поврзани со земјоделската дејност е нелојалната конкуренција, но и монополите кои ги ставаат во незавидна положба вистинските земјоделци.

Скендер Арифи е сопственик на млин од 1994 година. Пред десет години имал 14 вработени, а сега само тој останал во неговата фирма. Вели морал да ги отпушти вработените, затоа што немал пари да ги плаќа.

-Оваа година е капак со вирусот ,а минатата година беше подобра, пред 3 година уште подобра и како годините стануваа полоши така ги отпуштав работниците.  Млинот е 24 тони на 24 часа капацитет. Нема продажба нема кој да носи веќе, монополите ставиле се под контрола  Монополите ќе извадат 5000 тони за пченица за продажба, тогаш 12 денари ќе биде пченицата а брашното 17 денари. Кога ќе ги продадат тие 5000 тони и тогаш цената на брашното ќе се намали на 13 денари, а тие 12 денари ја земаш пченицата и сега кажи ми како да земаш пченица, не ми гарантира пласман ниту цена, мене ќе ме пикне во долг и секогаш во ќор сокак сум. Сум земал пченица од Унгарија од Украина  пред 2000 – та година. Сега има монопол со оваа работа и не е како порано работата, вели Арифи.

Тој решението го гледа во регулирање на цената.

-Решение мора да има, да се регулира цената инаку вака монополите ќе играат мајтап. Откупот на пченицата треба да биде регулиран, сега цената ја регулираат мелничарите. Значи големите мелници ја имаат силата. Јас сум стигнал до 1600 тона производство, а од 2001 година наваму се полошо, а годинава нема ни 10 % од тоа што сум произведувал.

И самата слика која ја регистриравме во Чегране доволно говори за лошата состојба во земјоделието во ова село. Запуштени ниви обраснати со трева и трње, стока речиси и да нема, иако во ова населено место имало над 2000 овци и над 1200 грла крави.

 

На заминување ги оставивме неколкуте пензионери кои го поминуваат денот во локалните кафетерии. Ако не се преземат сериозни чекори во земјоделието, дејност од која егзистирале мештаните,  ова село од најголемо ќе ја доживее судбината на мариовските села оставени во заборав.

 

Зоран Димовски

Слични написи

Back to top button
Close