fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Во океаните откриени планини шеќер

Научниците откриле дека ливадите морска трева на дното од океанот може да складираат огромни количини „слатко“.

Ново истражување покажа дека на дното на океаните се наоѓаат огромни резерви шеќери за кои до сега не сме знаеле.

Имено, научниците откриле дека ливадите морска трева на дното од океанот може да складираат огромни количини „слатко“. Се работи за шеќер во форма на сахароза, а морската трева изгледа го испушта на морското дно, односно во подрачјето на ризосферата – биолошки најактивниот слој на тлото кој се наоѓа покрај коренот и е под негово влијание. Тоа значи дека концентрациите на шеќери на морското дно се околу 80 пати поголеми од очекуваното.

Доволно за 32 милијарди лименки кока-кола

„Морската трева ширум светот веројатно покрива околу 1,3 милиони тони сахароза“, велат научниците. Со други зборови, тоа е доволно за производство на околу 32 милијарди лименки кока-кола, така што би можело да се каже дека се работи за „планини шеќер“.

„Морската трева произведува шеќер со фотосинтеза“, вели морскиот микробиолог Никол Дабилиер од Институтот „Макс Планк“ во Германија.

„Во просечни услови на осветленост овие билки го користат повеќето од шеќерот кој го произведуваат за сопствениот метаболизам и раст. Но, во услови на силно сонце, на пример на пладне или во текот на летото, билките произведуваат повеќе шеќер отколку што може да искористат или да складираат. Потоа го испуштаат вишокот сахароза во својата ризосфера“, додава таа.

Го штитат шеќерот од микроорганизми

Она што изненадува е тоа дека околните микроорганизми не навалуваат на тој шеќер, иако за нив тоа би била вистинска гозба. Изгледа дека морската трева, за да ги заштити резервите шеќер, испушта феноли, пишува Science Alert.

Овие хемиски соединенија, кои се наоѓаат во црното вино, кафето и овошјето, како и на многу други места во природата, имаат антимикробни својства кои ги инхибираат, односно го успоруваат метаболизмот на повеќето микроорганизми.

Научниците решиле да ја тестираат таа хипотеза и на микроорганизмите „на тацна“ им понудиле изолирани феноли.

„Им дадовме изолирани феноли од морска трева на микроорганизмите во ризосферата и видовме дека тогаш тие конзумираат многу помалку сахароза“, вели морскиот микробиолог Меги Согин од Институтот „Макс Планк“.

Единствен исклучок биле мал број микроби кои се гостеле со сахароза иако имало феноли. Научниците претпоставуваат дека тие веројатно на морската трева ѝ даваат нешто за возврат, како хранливи состојки кои ѝ се потребни за раст.

Син јаглерод

Морската трева е еден од најважните „складирачи“ на син јаглерод (јаглерод заробен во светските океани и крајбрежни екосистеми).

Имено, подрачјето на кое се наоѓа може да впие два пати повеќе јаглерод од шума со иста големина на копно, и тоа 35 пати побрзо.

„Резултатите на оваа студија придонесуваат кон подобро разбирање на најкритичните крајбрежни животни средини на нашата планета и покажуваат колку е важно да се зачуваат овие екосистеми на син јаглерод“, вели Согин.

Истражувањето се нарекува „Sugars dominate the seagrass rhizosphere“ и објавено е во магазинот “Nature Ecology & Evolution“.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close