Во рамки на КИФ креирана заедничка база на податоци за извозно ориентираните МСП
Во Тирана, Република Албанија се одржа завршниот состанок во рамки на Проектот: „Зголемување на извозниот потенцијал на малите и средни претпријатија во регионот на 6-те земји од Западен Балкан“, на чијашто имплементација во текот на изминатата година активно работеа сите шест комори од регионот членки на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) со поддршка на Отворениот регионален фонд за надворешна трговија на Германското друштво за интернационалана соработка – ГИЗ. Главната цел на Проектот беше да се подобрат рамковните услови за трговија во Југоисточна Европа, во согласност со барањата на процесот за приближување кон ЕУ. Фондот ги поддржува регионалните иницијативи, чија цел е подобрување на условите за слободна трговија, коишто се целосно усогласени со агендата на КИФ, објавува Стопанска комора на Македонија.
Под проектот„ Зголемување на извозниот потенцијал на малите и средни претпријатија во регионот на 6-те земји од Западен Балкан“, е заеднички проект помеѓу шесте комори од Западен Балкан чијашто имплементација е со цел подобрување на извозниот потенцијал на малите и средните претпријатија од регионот особено во делот на конзервната и преработувачката индустрија.
Во изминатиот период во рамки на проектот беше спроведена проценка за подготвеност за извоз на компаниите од агросекторот и преработувачкиот сектор ,којашто имаше за цел: 1) да го анализира извозниот потенцијал на претпријатијата во дадениот сектор, 2) да се идентификуваат заедничките бариери во извозот и 3) да се развијат специфични услуги за поддршка на извозот во овој сектор и синџирот на снабдување на ЗБ6 регионот, врз основа на побарувачката на компаниите.
Врз база на добиените податоци, во рамки на првата фаза на проектот беше изготвена и Брошура со насоки за извоз на производи од преработувачката индустрија (овошје и зеленчук) од Регионот на Западен Балкан во земјите на Европската Унија , којашто воедно е достапна за сите компании на официјалната веб страна на Стопанската комора на Македонија (www.mchamber.mk).
Во рамки на Проектот, во завршната фаза Коморите од регионот креираа заедничка база на податоци на произведувачи и дистрибутери на производи од агро-секторот, поточно производи од конзервната и преработувачката индустрија, од пазарите во регионот, но и од европските пазари. Секоја од шесте комори беше задолжена за анализа на домашните пазари и внесување на потребните податоци во заедничката база. По комплетирањето на базата од страна на коморите и имплементацијата на техничките решенија, базата е пуштена во употреба како услуга за сите членки на Стопанската комора на Македонија.
Со креирањето на оваа заедничка база, коморите од ЗБ6 ќе можат на компаниите заинтересирани за извоз и пласман на своите производи на странските пазари да им обезбедат детални информации за дадените пазари и потенцијалните партнери, со цел олеснување на извозниот процес.
Со имплементирањето на овој проект, не само што ќе се олесни поврзувањето на компаниите од регионот на Западен Балкан, туку ќе им се овозможи и полесен пристап на малите и средни компании од Македонија да ги развијат своите извозни потенцијали и да ги пласираат своите производи и на европските пазари.
Во наредниот период базата на податоци тековно ќе се дополнува со нови информации и ќе се ажурира од страна на задолжените лица од сите шест комори од Регионот, се со цел да им се помогне на домашните компании во обидите за раст на нивните извозни активности.
Стопанската комора на Македонија ги повикува и ги охрабрува сите компании од преработувачката/ конзервната индустрија коишто имаат интерес да ги насочат своите извозни активности кон пазарите на Западен Балкан но и Европската Унија, да ја контактираат Стопанската комора на Македонија, со цел добивање подетални информации и ширење на партнерската мрежа во регионот и пошироко.