Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на подготовка на нови огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, кои ќе бидат објавени по завршувањето на изборите за претседател на Република Северна Македонија и на локалните избори за избор на градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село.
Се работи за јавни огласи за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до и над 3 хектари, во повеќе региони во државата.
На јавните огласи земјоделците ќе може да конкурираат за добивање на државно земјоделско земјиште за земјоделска обработка на едногодишни и повеќегодишни земјоделски култури.
На огласите е планирано да се објави вкупна површина од над 15.000 хектари во повеќе региони и тоа: Битола, Валандово, Виница, Велес, Делчево, Демир Хисар, Гевгелија, Крива Паланка, Кичево, Куманово, Кавадарци, Кочани, Крушево, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Ресен, Тетово, Струга, Охрид, Прилеп, Штип и други региони.
Истовремено Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го објави и вториот јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари за вкупно земјоделско земјиште од над 1.500 хектари. Овој оглас ќе биде со намена реализација на проект за подигање на земјоделски насади и изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи во повеќе региони и тоа: Штип, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Свети Николе, Гази Баба, Валандово, Кавадарци, Прилеп и други региони.
За правните и физичките лица сопственици на оранжериите и помошните објекти во функција на оранжеријата кои не го искористиле правото да го откупат земјоделското земјиште во државна сопственост Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство го подготвува третиот јавен повик за купување на земјоделското земјиште во државна сопственост под оранжериите на кој се дава можност сопствениците на оранжеријата и помошните објекти да го купат земјоделското земјиште во државна сопственост определено како технолошка целина на оранжеријата.