Во Тиквешијата нема лозови калеми од „смедеревка“ ни за лек

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Многу ниви останаа непосадени поради недостиг од лозови калеми од сортата „смедеревка“ и покрај тоа што претходно беа изринати и подготвени за таа намена. Пролетва, покрај оваа сорта, најмногу биле барани и тие од „вранец“ и „темјаника“.

Целокупното производство на лозови калеми било продадено во расадниците во Росоманско и Неготинско.

za-smederevka-11-za-vranec-13-denari-za-kilogram-166411

– Побарувачката за „смедеревка“ беше многу голема, произведените калеми од таа сорта ги продадовме уште при крајот на минатата година, немавме толку многу колку што бараа да купат лозарите. Да имаше уште неколку илјади калеми од таа сорта, сигурно ќе се продадеа. Но и во соседните земји се појави недостиг. Драстично е зголемен интересот последниве години и за „темјаниката“ како стара сорта која некогаш беше во изумирање, а сега винарите се почесто ја бараат поради специфичниот мирис и аромата што му ја даваат на виното произведено од неа. Лозарите, пак, ја сакаат поради убавата цена што ја добиваат за неа за разлика од некои други сорти, па и висококвалитетни, на кои во текот на годините им паѓа цената – ни рекоа од семејството Мојсовски, во чија сопственост е расадникот во Тимјаник кај Неготино.

Во расадникот кој работи во рамките на ГД „Тиквеш“, а се наоѓа во Трстеник, Росоманско, исто така потврдуваат дека го продале целокупното производство на лозови калеми.

– Им препорачуваме на лозарите што планираат да подигнуваат нови лозови насади да практикуваат претходно да најавуваат потреба од лозови калеми од одредена сорта. Се работи за скапо производство, кое доколку е вишок и не се продаде, треба да се фрли – нагласува Ристо Милев, претседател на Управниот одбор.

Семејството Шепендиеви од Kавадарци е меѓу оние што навреме успеале да обезбедат лозови калеми од сортата „смедеревка“ и да посадат нива од 7,5 декари со нив.

– Имаме околу 16 декари лозје. Претходно имавме „ризлинг“, па го ископачивме бидејќи цената падна многу ниско и се одлучивме за „смедеревка“. Мислиме дека ќе биде барана, а и цената неколку години се врти иста за разлика од „ризлингот“- ни рече Мајонела Шепендиева.

 

Во работните единици на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Kавадарци и Неготино ни потврдија дека вообичаено поголем интерес за садење лозје има на пролет отколку наесен.

– Голем е интересот за подигнување нови лозја. Од трпезните сорти најбарани се „викторија“ и „мишел палиер“. Досега кај нас се обратиле четириесетина лозари кои имаат подигнато лозови плантажи по над пет декари. Тие имаат право на субвенции и ќе им се врати половина од вложените средства. Не знаеме колкав е бројот на оние што ќе подигнат под 5 декари лозја – кажа Драганчо Николов, советник во работната единица во Kавадарци.

Неговиот колега Ѓорѓи Ајтов од Неготино кажа дека пролетва повеќе земјоделци од Неготинско ќе се одлучат да посадат лозови насади отколку што тоа беше во текот на есента.