fbpx
Агро бизнисВестиВиноМакедонијаТоп вести

ВВ „Тиквеш“ и Факултетот за земјоделски науки и храна потпишаа Меморандум за соработка

Во Меморандумот се дефинирани сите области на соработка која, како што наведува „Тиквеш“, ќе придонесе за натамошен развој на винарството преку симбиоза меѓу науката и современите светски практики.

Ефективна размена на научни и стручни практики и знаења во областа на лозарството и винарството и стручна пракса за студентите и експертите, се само некои од придобивките на Меморандум за соработка што денеска го потпишаа винарската визба „Тиквеш“ и Факултетот за земјоделски науки и храна.

Во Меморандумот се дефинирани сите области на соработка која, како што наведува „Тиквеш“, ќе придонесе за натамошен развој на винарството преку симбиоза меѓу науката и современите светски практики.

-За нас во Тиквеш оваа соработка е од големо значење, затоа што ни овозможува да го ползуваме експертскиот капацитет на водечката научна и стручна институција од областа на земјоделството во нашата земја. Дополнително, ни отвора и можност за реализација на научно-истражувачки проекти кои ќе придонесат за понатамошен стручен развој на нашите вработени, но и на целокупниот процес на производство. Истовремено, ќе можеме да учествуваме во формирањето на идните експерти во областа, кои во следните години ќе продолжат да ја развиваат нашата гранка и индустрија, унапредувајќи ги уникатните предности на македонското лозарство и винарство, рече генералниот директор на „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.  За Факултетот за земјоделски науки и храна идната соработка со ВВ „Тиквеш“ носи бројни придобивки, особено во натамошниот развој на образовниот процес и неговото приспособување кон потребите на винарската индустрија.

-Од огромно значење е формализирање на соработката со нашата најголема и најуспешна винарница, која покажа вистинска општествена одговорност ставајќи ги своите капацитети и огромно искуство на располагање пред сѐ за нашите студенти, но и за наставниот кадар, и за нивното стручно унапредување и образование. Реализацијата на практична настава за студентите од една страна, како и гостувањето на стручњаци на Тиквеш во наставниот процес од друга страна, ќе бидат од исклучително значење за образувањето на иден стручен кадар на нашиот факултет, изјави деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Вјекослав Танасковиќ.

Меморандумот ја дефинира заедничката соработка и во реализацијата на стручни и научни собири, работилници и летни школи, како размена на информации од одржани саеми, форуми и бизнис-настани.

„Тиквеш“ во изминатиов период склучи договори за соработка и со средното техничко училиште и со средното земјоделско училиште, двете од Кавадарци, со кои се регулира практичната настава во винарницата и стипендирањето на учениците со најдобар постигнат успех.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close