За 2-3 години просечната бруто-плата во зоните ќе надмине 1.000 евра, вели Деспотовски
Целта на новата методологија е како да стигнеме до инвестиции со повисок квалитет кој што за нас подразбира поголеми приходи во буџетот, повеќе работни места и многу подобро платени работни места, вели првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ
Поголема државна помош за компаниите кои ќе придонесуваат повеќе во државниот буџет, ќе отвораат повеќе работни места и ќе обезбедуваат поголеми плати за вработените, најави денеска Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на за Технолошко-индустриските развојни зони, на панелот кој се одржа заедно со Советот на странски инвеститори на тема „Иницијатива за изработка на нова методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции“.
„Нашите цели се да обезбедиме многу поголеми приходи во Буџетот. Нивото на приходи во Буџетот од инвестициите во рамки на зоните во 2020 година е некаде околу 40 милиони евра, а наша цел е до 2024 година нивото на овие приходи да достигне 100 милиони евра. Тоа се и повеќе средства за проекти во делот на здравството, во образованието… “, рече Деспотовски.
Тој нагласи дека целта е да растат и платите.
„Јас очекувам дека во 2021 година просечната плата во рамки на зоните веќе ќе ја надмине просечната плата во рамки на економијата. Меѓутоа таа мора да расте и понатаму, така што целта ни е во наредните две до три години просечната бруто плата во зоните да го надмине нивото од 1.000 евра“, рече Деспотовски.
Тој појасни дека на денешниот панел беше инициран процес кој ќе овозможи нов квалитет во односите со инвеститорите во државата, како домашните така и странските.
„Станува збор за нова методологија на поттикнување на инвестиции. Целта на методологијата е како да стигнеме до инвестиции со повисок квалитет кој што за нас подразбира поголеми приходи во буџетот, повеќе работни места и многу подобро платени работни места“, рече Деспотовски.
Новиот пристап се работи заедно со Советот на странски инвеститори бидејќи, како што појасни, тие имаат искуство во овој сегмент, како и дека сакаат да го слушнат нивното мислење, како и да се продолжи со пристапот кој што беше воведен минатата година, а тој е во соработка со деловната заедница да се работи на вакви клучни алатки во процесот кој што треба да помогне да се стигне и до подобри правила на доделување на државната помош и до подинамична државна поддршка за оние инвеститори од кои што државата ќе има поголем интерес.https://nezavisen.mk/despotovski-ochekuva-za-2-3-godini-prosechnata-bruto-plata-vo-zonite-da-nadmine-1-000-evra/