За доматите, краставиците и пиперот не се намалуваат увозните давачки во октомври и ноември
Според Николовски, земјава секогаш ќе увезува и ќе извезува, но мора, пред се, да се штити домашното производство и да се овозможи, како приоритет, најпрво домашниот пазар да се снабди со наши, македонски производи.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска објасни дека за доматите, краставиците и пиперот не се намалуваат увозните царински давачки во октомври и ноември зашто тогаш производството е најголемо. Со тоа, рече, ќе се оневозможи маркетите и пазарите да бидат преплавени со домати, пипер и краставици од други земји.
Според Николовски, земјава секогаш ќе увезува и ќе извезува, но мора, пред се, да се штити домашното производство и да се овозможи, како приоритет, најпрво домашниот пазар да се снабди со наши, македонски производи.
-Се изборивме клучните производи, за кои имаме производство во октомври и ноември, целосно да бидат изземени овие два месеца од Одлуката за намалување на царинските давачки. Тоа се доматите, краставиците и пиперот зашто, ако ги прочитате бројките, немаме поголем увоз, туку имаме три пати поголем извоз во овие два месеца. И во периодот кога е извозот, односно кога го имаме производството, царината нема да биде намалена. И оризот е целосно исклучен од Одлуката зашто беше предлог и оваа култура да биде со намалена царинска стапка. Наша надлежност е да ги поддржуваме домашните производители. Проверете ги количините, да зборуваме со факти. Зборувам за најголемото домашно производство и ќе повторам сто пати, дека пиперот, доматите и краставиците се најголемото македонско производство со кое треба да се гордеееме. Тие се бренд на државата. Има три пати поголем извоз во овој период и затоа не дозволивме да се намалат царините, за да не бидат пазарите и маркетите преплавени со други поризводи од надвор, изјави Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.
На прашањето, зошто увезуваме кромид од Египет и пипер од Хрватска, Николовски повтори дека нашето производство го има и тука, но и се извезува.
-Да повторам. Три пати поголем извоз на македонски домати, пиперки и краставици има во следните два месеца, тоа се факти и бројки. За кој увоз зборуваме кога имаме три пати поголем извоз? Затоа е нашата борба, за клучните производи. Во ноември, декември, јануари и февруари, за жал, одредени производи немаме и тогаш, заради крајните потрошувачи, заради намалување на цените, логично е да се намалат и царините. Но, во секој период кога имаме интензивно домашно производство ние македонските производители сме ги заштитиле и апелираме – да, знаеме дека се обезбедуваат повисоки цени надвор од државата, но мора да имаме развиено национално чувство и интенцијата треба да биде да ги задоволиме домашниот пазар и домашните потреби, рече Николовски.
Ако има нови одлуки за нови ограничувања, постапки и нови политики во делот на цените за што е задолжено Министерството за економија, МЗШВ, дополни, ќе ги разгледа и ќе даде соодветни мислења како оние за последната владина одлука кога се предложи да се намалат царините на сите производи, вклучувајќи ги доматот краставиците и пиперките.
-Во следните два месеца овие наши производи се барани, цената на регионалните пазари е поголема и од тоа нашите производители добиваат повеќе, не помалку. Но, навистина, сите имаме обврска и ќе ја спроведуваме кампањата во таа насока за да ја пратиме порака дека домашниот пазар и домашните потрошувачи треба да бидат задоволени од домашни производи. Значи, прво да ги задоволиме домашните потреби, па потоа да извезуваме. Знаеме дека цената на извезените производи е поголема зашто се барани овие македонски производи, но обезбедивме следните два месеца, во октомври и ноември, на барање на производителите, за овие производи чие производство ќе биде големо, воопшто да нема намалување на царината и Владата тоа го прифати, повтори Николовски.
Негова оценка е дека ако не се субвенциите, половина од производителите ќе се откажат и ќе ги напуштат нивите.
-Секогаш ќе извезуваме и ќе увезуваме. Наша обврска е, сто пати ќе повторам, да ги поттикнеме македонските производители. Ако не се субвенциите половина од производителите ќе се откажат и ќе ги напуштат нивите, да не се новите програми ќе имавме сериозен пад на производството. Зошто во последната година имаме зголемување на површините и нови 2 000 договори, зошто лани имавме рекордни цени на јачменот, пченицата, тутунот, грозјето, на се што произведуваме? Нашата цел е произвоителите да не се откажат, туку да ги задржиме, а секако, секогаш ќе има и увоз и извоз, тоа секогаш било и така ќе остане, но на крајот, ако сакаме да ја јакнеме економијата треба да имаме зголемен девизен прилив. Се радуваме и се гордееме со најголемиот девизен прилив што го имаме од тутунот, зошто тоа не се прашува? Зошто не прашаме еднаш за тоа дека сме 13. земја по извоз на вино и грозје што е оргомен девизен прилив?, потенцира министерот.
Владата на 28 септември донесе одлука за намалување на увозните давачки на свежи домати, краставици и пиперки која ќе важи од 1 декември годинава до крајот на февруари догодина.