Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со соопштение за постигнатите резултати од досегашното нејзино работење.
Од задолжена институција со натрупани повеќегодишни финансиски долгови кои до јуни 2017 година достигнаа 498 милиони денари или околу 8,1 милиони евра, кон сточарите, ветеринарните друштва, лабораториите и другите испорачатели на услуги и состојба пред колапс на целокупниот систем за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), само за две години, прерасна во финансиски солвентна институција која редовно и навремено ги исплаќа обврските. Со тимска работа, одговорно и посветено, за две години од промената на менаџерскиот тим на Агенцијата, постигнат е евидентен напредок во работењето во сите сектори, соопштуваат од агенцијата.
-Преку подобрување на системот на идентификација и регистрација на животните, надгледувањето, будноста за брзото детектирање и сузбивање на болестите, значително е подобрен системот на здравствена заштита и благосостојба на животните, за што како институција добивме и јавна пофалба од еврокомесарот за здравје и безбедност на храната на Европската унија. Минатата година АХВ спроведе вонреден попис на говедата, копитарите и свињите, активност со која од електронскиот систем на евиденција, бидејќи реално не постоеја, беа избришани 30.000 говеда, т.н. “животни духови”. Во тек на обработка се податоците за бројната состојба на овците и козите, велат оттаму.
Во рамки на активностите за унапредување на системот за здравствена заштита на животните, како основа за унапредување на безбедноста на храната, во изминативе две години реализирани се повеќе мониторинг програми за испитување за присуство на болести. Востановен е мониторинг на присуство на болестите Африканска чума кај дивите свињи, Авијарна инфлуенца кај живината, Инфективната анемија кај копитарите, присуство на Западно – нилската треска кај коњите и птиците, мониторинг на Класична чума кај дивите свињи, како и мониторинг на постигнатиот имунитет и ефикасноста на извршената вакцинација.
– Минатата година ги зајакнавме биосигурносните мерки на одгледувалиштата со свињи и риби. Ги категоризиравме комерцијалните свињарски фарми според степенот на ризик, а годинава почнавме со регистрирање и одобрување на одгледувалиштата со риби. Интензивирана е соработката на полето на размена на информации и податоци со институциите и невладиниот сектор. Почнувајќи од 1 септември минатата година АХВ активно ја спроведува првата кампања за бесплатно микрочипирање на домашните миленици. Во модулот за домашни миленици на АХВ досега се евидентирани 62.193 домашни миленици, најголемиот број кучиња. Во тек се и активностите за идентификување (микрочипирање) на копитарите и внесување на податоците во електронската база на АХВ.
Преку воведување на нови програми за контрола на храната и храната за животни, и усогласувањата и примената на високите европски стандарди, постигнат е висок степен на безбедност на храната во производството, складирањето, дистрибуцијата и пуштањето во промет.
Минатата година почна да се спроведува Програмата за контрола и превентива на одделни физички, хемиски и биолошки опасности во определени видови или категории храна, воведен е регистер на примарни производители на мед, а во Програмата за мониторинг на безбедноста на храната се воведе нова активност – мониторинг на храната третирана со јонизирачко зрачење.
Во завршна фаза е реализацијата на активностите за подобрување на квалитетот на суровото млеко, преку спроведување на Акцискиот план за категоризација на фармите врз основа на ризик, активност која целосно беше прекината до јуни 2017 година.
По повеќе од 20 години, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува активности за воспоставување на системот за управување (нештетно отстранување и преработка) со нус – производите од животинско потекло. Обезбедена е локација за изградба на капацитетот, обезбедени се 9 милиони евра финансиски средства. Според планираното изградбата на кафилеријата ќе почне во текот на 2020 година.
Во фаза на усвојување е Правилникот за мали производители и локализирана активност, со флексибилна примена на законодавството кој обезбедува соодветни услови за пласман на мали количини храна од страна на примарните производители.
Подобрување на бизнис климата, активности поврзани со Евро интеграцијата, меѓународна соработка како и подобрување на работните услови на Агенцијата се исто така полињата на кои тимот на агенцијата работел.
З.Б.