fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Изгласан законот, ДДВ за струјата на домаќинствата да се намали од 18 на пет проценти

По овој датум во наредната година, односно од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година ќе се применува повластена даночна стапка од 10 проценти за прометот на електричната енергија кон домаќинствата.

Собранието денеска ги донесе измените на Законот за додадена вредност. Со ова, даночната стапка за прометот на електричната енергија кон домаќинствата се намалува од 18 проценти на пет проценти. Намалената стапка согласно законското решение ќе се применува со денот на влегување во сила на Законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се до 30 јуни 2022 година.

По овој датум во наредната година, односно од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година ќе се применува повластена даночна стапка од 10 проценти за прометот на електричната енергија кон домаќинствата. Целта на воведување на повластените даночни стапки за прометот на електрична енергија кон домаќинставата е да се овозможи пониска цена за граѓаните и намалување на нивните трошоци.

Во попладневниот дел од расправата пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски рече дека намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 5 проценти треба важи за сите. И за граѓаните, и за домаќинствата, но и да важи за индустријата.

-Суштина на првиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ беше стапката за намалување на ДДВ за електрична енергија од 5 проценти да важи за сите. И за граѓаните, и за домаќинствата, но и да важи за индустријата. Тука како аргумент слушнавме дека индустријата сепак има право на поврат на ДДВ, но тука меѓу нас има познати стопанственици, луѓе од приватниот сектор што имаат компании, па слободно ги повикувам да излезат и да кажат, дали истиот процент на данокот на додадена вредност, немаше да ја зголеми ликвидноста на нивните компании, рече Стојаноски.

Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ посочи дека има сосема различен став. Таа смета дека електричната енергија не треба да биде евтина.

-Електричната енергија не треба да биде евтина, затоа што ако струјата е евтина, тоа доведува до  поголема потрошувачка, а ние треба да ја штедиме електричната енергија и струјата, не само овде во државата, туку во целиот свет, тоа е тенденцијата, додаде Морачанин.

Таа истакна оти се согласува дека во овој момент заради корона кризата и јасната социоекономска криза како во светот така и кај нас се потребни можеби вакви стимулативни мерки и поддршка за граѓаните за да не го почуствуваат тој удар, и во таа насока рече дека ќе го поддржи законот.

-Но, дефинитвно подобро решение, според мене, е намалување на електрична енергија да има само кај социјално ранливите категории, рече Морачанин.

Пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ рече дека веќе три и половина години граѓаните користат евтина електрична енергија.

– Кога вие бевте власт, тврдевте дека ќе колабира целиот енергетски состем доколку се врати евтината струја. Тоа за среќа не се случи. Оваа Влада покажа дека и со евтина струја може да постои енергетскиот ситем, да биде функционален и граѓаните да бираат дали е поубаво во време кога е скапа струја или во време кога имаме евтина струја, што во време на ВМРО-ДПМНЕ не постоеше. Не треба да ширите лаги и информации дека сте загрижни, се гледа дека барате само политички поени, рече Коциќ.

РКЕ го поздрави усвоеното решение за намалување на ДДВ на електрична енергија за домаќинствата

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) ја поздравува искажаната политичка волја со која се прифати и имплементира решението на РКЕ за намалува Данокот на додадена вредност на електрична енергија за домаќинствата.

– РКЕ ќе продолжи да креира иницијативи кои треба низ соодветен институционален пат да донесат решенија за заштита на животниот стандард кога се во прашање потрошувачите, што практично се покажа и со денешното носење на законските измени кои потекнаа од нашата иницијатива што ја покренавме пред една година, со кои се намалува ДДВ-то за електрична енергија за домаќинствата, истакнува во пишана изјава Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Бислимоски апелира сега фокусот да се насочи кон проширување на опфатот на ранливи категории – кои треба да бидат сет на прецизно идентификувани категории на домаќинства на кои им е потребна парична помош со која ќе се намалат сметките за електрична енергија, како што се пензионерите кои се во категоријата на најниски пензии.https://nezavisen.mk/izglasan-zakonot-ddv-za-strujata-na-domakjinstvata-da-se-namali-od-18-na-pet-procenti/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close