За една година четири пати зголемени површините на афион и за 1.000 хектари на сончоглед

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Афионот и сончогледот се враќаат на македонските ниви. За една година површините под сончоглед се зголемиле за 1.000 хектари, а површините под афион четири пати. Во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството велат дека се задоволни од враќањето на нивите на одредени култури по кои беше позната Македонија во светот, но сепак тоа е далеку под површините што се садеа со овие култури пред триесетина години. Само за потсетување, од 1980 до 1985 година афионот се одгледувал на 2.134 хектари, а просечниот принос изнесувал 580 килограми од хектар. Денес оваа култура може да ја одгледуваат и физички и правни лица, но неопходно е да исполнат дефинирани услови, но и да поседуваат посебна дозвола од овластено правно лице за производство и откуп на афионова култура. Kај сончогледот проблем беа откупот и ниската цена, но со текот на годините овој проблем полека се решава. Во Министерството за земјоделство велат дека земјоделците сами решаваат што ќе садат, но радува фактот дека афионот, маслодајната репка и сусамот се враќаат на нивите.

DSC_0294

Фармерите сами одлучуваат

Во Платежната агенција велат дека секоја година се зголемуваат барањата за субвенции за одредени култури кои беа заборавени од страна на македонските земјоделци.

– Согласно со податоците од поднесените барања за финансиска поддршка во 2014 и 2015 година, во 2014 година имаме примено барања за финансиска поддршка за сончоглед за површина од 7.000 хектари. Лани за субвенции се пријавиле земјоделци кои побарале поддршка за површина од 8.000 хектари – вели Билјана Вуковиќ, директор на Агенцијата. Според неа, зголемување има и кај афионот, каде што за една година површината е зголемена четири пати.

Во Министерството за земјоделство велат дека традиционалните култури кои со години значеа живот и егзистенција за земјоделските семејства ги заменија нови, далеку попродуктивни.

– Државата одвојува субвенции за сите култури. Остава на фармерите да решат што ќе одгледуваат и што се бара на пазарот. Ние сме должни да им дадеме совети преку стручните лица што им ги даваат насоките на земјоделците. Свесни сме дека сончогледот помалку се одгледува, но земјоделците го имаат последниот збор – велат во Министерството за земјоделство.

Ако во почетокот на 90-тите години во Пелагонија и во Овче Поле сончогледот и маслодајната репка се одгледуваа на 40 илјади хектари, сега оваа бројка е далеку помала.

Македонија годишно произведува сончоглед исто колку што е европското ниво, околу 1.800 килограми од хектар, а задоволува само 7-8 проценти од потребите за масло за јадење. Лани увозот на сурово масло бил 31.000 тони, а на рафинирано 6.000 тони или вкупно сме платиле 46 милиони долари.

– Вкупното годишно производство опадна од 46.000 тони во 1989, на 39.000 во 1991 до 7.600 тони во 2010, само поради намалувањето на површините. Приносите останаа стабилни, во просек околу 1,6 тони во 2006 и 1,9 тони во 2010 – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.

opium-fields9

Добра земјоделска пракса

Земјоделците велат дека се ориентираат според пазарот. Според нив, во Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој од 2013 до 2017 се обезбедува буџетско планирање со кое се добива зголемување на приходите на земјоделските производители. Според неа, структурата на директните плаќања го задржува нивото од 2012 година, а мерките за рурален развој бележат пораст. Продолжуваат исплатите по површина, грло и производ. Се воведуваат нови мерки во делот на семепроизводството: производство на расад и семенски материјал за компир, домат и пиперка, како и директни плаќања за производство на предосновен и основен семенски материјал за житни култури. Од ресорот објаснуваат дека без разлика на тоа која култура ќе се одгледува, од годинава, за да се добијат субвенциите, мора да се исполнат условите поврзани со заштита на животната средина, здравјето на луѓето, животните и растенијата и благосостојба на животните.