За една година се фрла храна вредна два милиона евра

Големо количество храна се фрла во отпад, а сиромаштијата во Македонија е сѐ поизразена, има многу гладни семејства што не можат да си обезбедат по еден оброк дневно, а не, пак три. Прашањето е како да се направи прецизен систем без пречки во имплементација со кој храната наместо во ѓубре ќе заврши кај оние на кои им е најпотребна. Имено, над 70.000 македонски граѓани имаат само два до три оброка неделно, покажале голем број истражувања што ги имаат спроведено од „Банка за храна – Македонија“.

Душко Христов, претседателот на „Банка за храна“, вели дека постои начин за решавање на проблемот со фрлањето храна, и во општества поразвиени од нашето, и во општества каде што развојот е зад нашето, но потребни се пред сѐ политичка волја, разбирање и посветеност за да се најде решение.

– Во рамките на Законот за безбедност на храна (ЗБХ) треба да се дефинира што е вишок храна, кои се непрофитни оператори со храна што редистрибуираат донирани вишоци храна, кои се крајни корисници, да се дефинира и регулира системот на донирање вишок храна што ќе гарантира следливост на храната, на безбедноста, правата и обврските на сите инволвирани страни. Потоа да се донесе стратегија за управување со вишокот храна, која ќе ја уреди хиерархијата за управување со вишокот храна – смета Христов.

Тој додава дека, според примерите на Франција, Велика Британија, Италија, треба да се спроведе анализа за висината на средства што годишно се потребни за безбедно да се донираат, складираат и редистрибуираат донираните вишоци храна, да се почне со сериозни едукативни обуки, акции и кампањи.

– Нашата цел е за секој килограм исправна храна, која би завршила во ѓубре или е предвидено да се фрли од разни причини, да ја ставиме во функција и на располагање на лицата и фамилиите во социјален ризик. Досега во Македонија, во изминативе осум години, се собрани и поделени над 630 тони храна, која стигна до над 3.000 наши сограѓани, и сѐ уште сме сведоци на сиромаштијата на нашите сограѓани – вели Христов.

Тој вели дека бројката на фрлена храна на годишно ниво е многу голема, но вистински параметри и бројки нема ни во развиените општества, ниту пак кај нас.
– Ако претпоставиме дека има околу 500.000 домаќинства, ние велиме дека едно скромно ситуирано домаќинство фрла храна во вредност од 300 до 800 денари месечно. Тоа најчесто се леб, малку сувомесни и млечни производи, овошје и зеленчук и мал дел тестенини и други кондиторски производи. Над два милиона евра ние граѓаните фрламе во храна, која собрана за една година може да нахрани еден среден македонски град и тоа цела година, тука е и храната што ја уништуваат сите оператори со храна како производители, дистрибутери и трговци – истакна Христов, додавајќи дека рестораните не фрлаат храна и тие внимателно ги избираат производите и количествата потребни да се услужат гостите.

Како што објаснува претседателот, свеста на народот за храната да се складира и да се донира воопшто не е развиена.
– Морам да укажам на фактот дека до пред некоја година вкупните количества што ги собиравме преку годината, една третина од вкупното количество храна доаѓаше од нас граѓаните, а денес тоа многу ретко го правиме – вели Христов.
Тој нагласува дека фрлањето храна многу влијае на стопанството и на економијата во целина.

– Во развиените општества веќе се поведени посебни иницијативи за редуцирање на производството, но и фрлањето храна, а вишоците преку банките за храна се пласираат до посиромашните слоеви во тие општества. Ќе спомнам еден податок, кој можеби ќе треба да нѐ замисли. Нашата сестринска организација, Италијанската банка за храна, по донесувањето посебен закон за нефрлање храна, за 20 отсто го зголемила приливот на донирана храна, а со посебни алатки и услови се ослободуваат самите компании што ги донираат вишоците на таа храна – додава Христов.

Тој укажува и на фактот дека значајни количества храна со изминат рок преку затскриени и нелегални акции и постапки завршуваат на нашите трпези, бидејќи сме општество што не внимава и не ги чита декларациите истакнати на поголемиот број производи.

– Но од друга страна, пак, тврдењето дека сета храна со изминат рок е штетна за нашето здравје, не е точно, значајни истражувања, па и препораки доаѓаат од развиениот свет, особено од Европа, кои се многу посветени на ова прашање. Ние како организација сме одлучни да го подигнеме нивото на размислување и постапување за ова прашање, кое сѐ повеќе и посилно тропа на вратите на нашето сиромашно општество – појаснува Христов.

Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, во Македонија вишоците храна, што би можеле да им се подарат на сиромашните семејства, единствено би можеле да се појават кај големите маркети, каде што на некои од производите им се ближи крајниот рок на употреба.

– Но сепак таа е сопственост на производителот, кој со маркетинг-триковите, две за едно или со намалување на цената за момент ја исчистува проблематичната стока. Што се однесува до некои вишоци кај домаќинствата или рестораните, можностите да се искористат тие вишоци, не се реални. Храната не е облека што ќе ја исперете и ќе ја подарите некому. Таа има краток рок на траење, и за неа е потребна огромна логистика, како што е брзина на преземање, процена на квалитет, место за складирање, во ладилник или замрзнувач, избор за место за испорака и достава до крајниот корисник – нагласува Станковски.
Меѓутоа, додава тој, сето тоа бара голем број посветени лица и големи финансиски средства.

– Сметам дека доколку некој во државата сериозно би сакал да им помогне на сиромашните, а во исто време да им помогне на домашните производители на храна, би можел да откупи модри сливи, вишни или јаболка, кои скапуваат на нивите и да им ги поклони по дваесет килограми, за мармалад, сок или домашен компот. Со тоа ќе им помогне и на земјоделците, и на стотина илјади семејства, кои опстануваат со минимални финансиски средства – истакнува Станковски.


 

novamakedonija

Share Button