fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

За Голем или Источен петок на гости во манастирот „Свети Архангел Михаил“ и во Варош во Прилеп

Голем број посетители отидоа и нагости во најстарата прилепска населба Варош, зашто Голем петок за жителите е вековна традиција.

Повеќе стотини верници денеска на Голем или Источен петок, прв по Велигден го посетуваат манастирот „Свети Архангел Михаил“, вгнезден под Марковите кули во Прилеп. Верниците стигнаа да запалат свеќа, да остават велигденско јајце и да налеат од лековитата вода што извира од под манастирот. Велат, за здравје, оти денеска е денот и на лековитите води.

Гоце Арсов, жител на населбата Варош вели дека портите од изутрината се ширум отворени, а паметат и големи прослави и натпреварувања. Варош во средновековието имал големи панаѓури и трговци од цел Балкан доаѓале да тргуваат зашто тука се вкрстуваат патиштата од Исток и Запад.

 

– Голем петок е велигденски празник. Манастирот е вековен и секогаш доаѓале голем број посетители. Како најголема свадба со зурли и тапани, голема веселба, се натпреваруваа и пеливани. Ни недостасуваат големите веселби во овие времиња, вели Арсов.

Варошанецот Блаже Чавлески е среќен што дома му доаѓаат гости.

– Прво бев в манастир да запалам свеќа за здравје, да земам од лековитата вода оти помага. Од синоќа чекаме гости. Вековит е празникот. Нешто со пандемијата помалку доаѓаа гости, но сега ги имаме и добредојдени се, вели Чавлески.

Манастирот „Свети Архангел Михаил“ од 12 век е заштитено културно наследство. Покрај источниот, со средства од министерството за култура е изграден и западниот конак. Заедно со Трескавец и Зрзе се трите манастирски бисери во Пелагонија.https://nezavisen.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close