fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

За граѓаните е примамливо да се вработуваат во општините

НЕМА ПЛАТИ ОД 1.000 ЕВРА, АМА ИМА НАД 600 - општините „вријат“ од огласи за вработување

Платите можеби не се многу високи, ама очигледно за граѓаните е примамливо да се вработуваат во општините. Тие, пак, преку Агенцијата за администрација секојдневно објавуваат нови и нови огласи за вработување на службеници, од соработници и советници, па до референти и инспектори, со плати некаде и до 37 илјади денари.

Само во последните два дена Град Скопје распиша огласи за пет вработувања, додека, пак, општина Центар најави дека има намера да вработи шестмина извршители. Ова покажува дека колку и властите да се колнат и декларативно да најавуваат намалување на јавниот сектор, во кој влегуваат вработените во локалната власт, во реалноста тоа воопшто не е така, туку општините се трупаат со нови и нови кадри, за кои и од самите огласи се гледа дека за нив нема некоја реална потреба.

Не е исклучено дел од овие луѓе за кои сега се објавуваат огласи за вработување, да биле досега ангажирани хонорарно или со договори на дело во општините, а сега да се брза да добијат трајно решение, односно регулирање на работното прашање, пред да се распишат локалните избори, кои треба да се одржат наесен оваа година. Како што е познато, вработувањата во јавниот сектор се забранети пред изборен период, со цел на тој начин да не се влијае врз гласачкото тело во државата. 

Еве какви профили се бараат во администрацијата на метрополата, односно на Град Скопје. Најплатениот ќе биде Раководителот на секторот за заштита и спасување, кој ќе зема плата од близу 38 илјади денари, или прецизно 37.625 денари.

Град Скопје ќе вработува и виш референт за евиденција на податоци, потоа, советник комунален инспектор, соработник за обработка на податоци за состојбата на локалната економија, како и советник за податоци на материјали и документи за изградба на инфраструктурни и комерцијални објекти. Нивните плати ќе бидат меѓу 15.681 денар, до 26.278 денари. Општината со која раководи градоначалникот Петре Шилегов и во март годинава имаше распишано оглас за вработување на 23 градски службеници.

Во последниве два дена општина Центар бара шест извршители. Се бараат виш соработник за правни работи, советник одговорен сметководител, соработник за спроведување на јавни набавки, раководител на Одделение за уредување на градежно земјиште, помлад соработник Ex-ante финансиска контрола, како и помлад соработник за подигање на материјали и документација, а платите се од 22 па речиси и до 30.000 денари.  https://faktor.mk/nema-plati-od-1000-evra-ama-ima-nad-600—opshtinite-vrijat-od-oglasi-za-vrabotuvanje

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close