вестиМакедонијаТоп вести

За локален пат од 6,5 километри ќе се запусти цело село

И тие што останаа во тетовското село Луковица изминативе месеци се иселуваат.

Есенва дождовите целосно го упропастија односно изронија неасфалтираниот пат, кој води до ова село, сместено на падините на Сува Гора.

Поради ваквата состојбата жителите од ова населено место и во време на пандемија се оставени сами на себе. На лекар не можат да појдат, ниту пак лекар доаѓа во селото. Децата се оставени без образование, а возрасните беа основна егзистенција.

-Жителите кои се тука опстануваат од тоа село. Се занимаваме со сточарство и земјоделство.  Ние мораме тука да останеме немаме друга егзистенција, ако треба да се отселиме нека ни кажат. Еве сега брат ми се отсели, затоа што детето нема каде да му учи. Тој не може да го носи во училиштето и никој не се нафаќа  да го носи. Што некој човек да ни се разболе, доктор во нашето село поради патот не е дојден веќе дваесет години. Не сме посетени ни од амбуланта, никој не е дојден. За било што е катастрофа. Најблиската амбуланта е Групчин и симптоми да има на корона не доаѓа Брза Помош. Лани требаше да се породи една жена не дојде амбуланта, па јас ја носев со Лада Нива. Барем да го посети некој од надлежните ова село, да види во какви услови живеат овие жители, истакна Борче Милошевски сточар кој во ова село одгледува 250 грла кози.

Тој вели поради вирусот за 50 % им е намалена работата. Се е поскапено, ама јас немам избор и не можам да се откажам од мојата единствена егзистенција.

-Дури беше добар патот 70 евра ми бараа за да ми донесат храна, а сега ми бараат 150 евра, дека патот е лош, Еве еден братучет инвестираше во свињарска фарма и тоа добра пара вложи и се откажа дека нема кој да му ги откупи прасињата. Мака мачиме, имам лада нива одам со неа, но и таа се откажува патот ни е голем проблем, рече Милошевски од месната заедница од село Луковица

Оттаму апелираат за помош од локалната и од централната власт, што поскоро да се интервенира и да се доведе патот во состојба, за да може истиот да се користи од возилата.

-Негде да се пополни патот, ние имаме за тоа материјал. Треба барем една машина да дојде да го среди тоа, ако не се среди на време, не знам што ќе правиме на зима ако падне снег. Точно ова е привремено што рековме да се пополни, за да може зимава барем ако има потреба не дај боже заради вирусов да дојде возило. Инаку ова не е трајно решение, се знае што е трајно решение да се асфалтира овој пат. На пример од општината се жалат дека нема пари, а гледаме дека општината гради во другите села, тоа не е оправдување дека општината нема пари, велат од месната заедница од Луковица

Во тетовска Луковица во текот на цела година живеат околу 55 жители, но во летниот период во секоја куќа има по некој жител веќе отселен од ова село, а поради прекрасната природа и свежиот воздух, голем број  луѓе претежно кои потекнуваат од ова населено место имаат направено викендици.

Зоран Димовски

 

Слични написи

Back to top button
Close