За тој што купува е СКАПО, за оној што продава ЕВТИНО
Граѓаните се ценкаат на пазарите за да заштедат
На социјалните мрежи од граѓаните има поплаки дека овошјето и зеленчукот оваа година се скапи. Но, со оваа теза не се согласуваат оние кои продаваат на зелените пазари. Тие велат дека тоа се реални цени за да можат да опстанат.
Трговците и земјоделците кои продаваат на тезгите на пазар забележале дека сега граѓаните почесто се ценкаат за да заштедат. Велат дека тоа е последица на беспарицата, но и на менталитетот. Ценкањето не носи некоја голема заштеда, но граѓаните го ценат секој денар.
„Тоа е навика и немање пари. И нас нè чини, тезга, ѓубриво, нафта, а маката плус, тоа никој не ни го признава, високи температури, помалку род. Има луѓе кои ќе поминат, ќе кажат дека е скапо и заминуваат. Купувачот се обидува да се ценка, па сега ако успее добро, ако не пак добро. Ако му кажам цена од 80 денари, прашува дали може за 70 денари и за 10 денари се враќа и прифаќа да купи. Тој си прави математика, овде 10, онде 10 денари за да заштеди. Но, има и богати луѓе кои се ценкаат“, вели кумановка која неколку години продава на Зелен пазар.
Друга повозрасна жена објаснува дека пред 10 или 15 години ценкањето било реткост.
„Порано не се ценкаа. Јас сум 30 години на тезга. Немањето пари е фактор. Немаат пари и се ценкаат. Пред 15 години, купувачите доаѓаа и кажуваа од кој производ колку ќе земат, за пари не прашуваа“, рече Ленка Андонова, трговец.
Пазарџиите тврдат дека попуштаат ако некој зема поголема количина домати, пиперки или ако знаат дека купувачот навистина е финансиски загрозен, затоа што во помалите градови луѓето познаваат голем дел од своите сограѓани.
„Луѓето се бунат, велат дека им е скапо. Кој има пари не се ценка, кој нема се ценка. Ако видиме дека човекот навистина нема пари, правиме попуст. Гледаме некако да помогнеме“, вели Фатмир, трговец.
Некои граѓани се ценкаат, а други се срамат да го прават истото.
„Срам ми е, непријатно ми е. Секој си има цена на производот, толку чини и затоа ја ставил. Јас мислам дека има нешто и од сиромаштијата, но и до менталитетот е. Што ќе заштедиш со 10 денари? Или пак може да се обидеш да се ценкаш, а да не ја спушти цената и што ќе добиеш со тоа? Ако земаш 10 килограми домати, може да ти попушти, да биде поевтино, ама за еден килограм, тешко“, рече Роза Арсовска, граѓанка.
Друга пензионерка вели дека ако не се ценка, нема да може да го помине месецот.
„За некои работи се ценкам. Попуштаат трговците. Во маркет нема ценкање, освен ако има некој производ поевтин на акција пред истек на рок. Со 15.000 денари како ќе го поминеш месецот?“, рече Савета Петковска, пензионерка.
Цените на земјоделските производи се повисоки од лани. Наскоро е можно да имаме поскапување на лебот, а сточарите велат дека млечните производи ќе поскапат за 30 отсто.https://faktor.mk/