Забрана за увоз на говедско од региони во Грција и Србија и на пилешко од Италија
Агенцијата за храна забранува увоз и транзит на говеда од одредени региони од Грција и Србија за да се спречи повторното внесување на вирусот на болеста јазлеста кожа. Одлуките се веќе објавени во „Службен весник“ и се во сила. Болеста ја пренесуваат комарци и слично како кај болеста син јазик, можно е повторно нејзино масовно ширење. Решението за забрана на увоз и транзит на говеда и диви преживари се однесува на пратки што потекнуваат од десетина региони во Грција, меѓу кои се и Солун, Kукуш, Серез, Имати и Пела.
Во исто време донесено е решение за забрана за увоз на пилешко месо од Италија. Забраната се однесува и применува за месо од живина и диви птици како и производи и нуспроизводи од живина за пратки кои се произведени по 29 април 2016 година. Во Агенцијата за храна велат дека освен живи животни, од Грција и Србија се забранува и увоз на семе од говеда, говедско месо, производи и преработки од говедско месо, млеко и производи од млеко од говеда, како и нуспроизводи од говеда.
Економски штети
Во забраната стои дека се забранува увоз од Србија од регионите Пчиња и Јабланица.
Во земјава може да влезат само пратки со млеко и производи од млеко од говеда доколку се проследени со ветеринарно-здравствен сертификат и тоа доколку биле подложени на стерилизација, третман на ултрависока температура или третман на краткотрајна пастеризација во времетраење од најмалку 15 секунди, применет двократно на млекото. Во Агенцијата за храна велат дека забраната е со цел да се заштитат од пренесување на болеста јазлеста кожа, која прави големи економски штети.
Паралелно со забраната се врши и вакцинација на говедата по домашните одгледувачници. Во Агенцијата уверуваат дека болеста нема значително да се одрази врз млечната индустрија.
– Засега болеста се држи под контрола. Млекото и млечните производи може слободно да се консумираат, а нема пречки и за откуп од здрав добиток. За месото е битно грлата да не се носат во кланица најмалку седум дена од вакцинирањето зашто толку трае периодот на каренца. Досега против јазлестата кожа се вакцинирани над 80.000 говеда, а процесот продолжува се додека не бидат опфатени сите 225.000 грла во државата – велат надлежните. Од таму уверуваат дека вакцинацијата е целосно завршена во југоисточниот регион, кој беше најкритичен зашто таму се појавија првите жаришта. Во тек е вакцинацијата во Скопје и Тетово и ќе продолжи се додека не биде покриена целата територија.
Официјален надзор за живината
Од почетокот на декември лани АХВ работи на спроведување официјален надзор на болеста класична чума кај живината и дивите птици (авијарна инфлуенца, попозната како птичји грип). Со надзорот ќе биде опфатена живината што се одгледува во комерцијално производство (кокошки-несилки, бројлери, живината што се одгледува во некомерцијално производство како таа во дворовите и селските стопанства, а ќе се контролираат и водните птици). Исто така, предвидено е да се прави контрола на дивите птици кои се присутни или мигрираат низ територијата на Македонија.
Надзорот се спроведува во соработка со ветеринарните друштва кои се задолжени за вадење крв од живината и земање брисови од водните птици, ловните друштва кои се задолжени за земање мостри од дивите водни птици и официјалните ветеринари одговорни за контрола на надзорот. Од живината најчесто заболуваат кокошките и мисирките, а кај патките и гуските се развиваат само благи симптоми на болеста. Дивите птици, особено дивите патки, може природно да бидат отпорни на болеста и да не покажуваат клинички знаци на болеста.