fbpx
Вести

Задругите се иднината!

Melinda е организација на производители на јаболко од долината Вал ди Нон во регионот Трентино во Северна Италија. Регионот има едновековна традиција на задругарство, но пробивот на меѓународниот пазар настанал кон крајот на осумдесетите години на минатиот век. Под притисок на нелојалната конкуренција (многу производители ги рекламирале своите јаболка како произведени во Вал ди Нон, иако тоа не било случај), 16 задруги од регионот се договориле да се здружат и да настапуваат на пазарот под заеднички бренд Melinda.

Денес Melinda e синоним за квалитетни јаболка од Вал ди Нон. Јаболката со знакот на Melinda се продаваат во преку 40 држави во светот (меѓу кои и во Македонија). Сепак, она на што конзорциумот Melinda е посебно горд е неговата организациска поставеност.

Имено, Melinda е во стопроцентна сопственост на задругарите, 5.200 на број. Збирно, тие се сопственици на 6.400 хектари овоштарници, при што повеќе од половина задругари имаат помалку од 1 хектар овоштарници, а само 10 проценти од задругарите имаат повеќе од 3 хектари. Задругарите се сопственици и на три модерни фабрики во кои се обработува целокупното производство и во кои има запослено преку 900 работници, од кои половина се од семејствата на задругарите. Тимови на стручњаци се грижат за квалитетот на производството, при што само 2 до 3 проценти од целокупното производство оди на индустриско јаболко, откако нема да ги помине строгите стандарди на контрола. Како резултат на сето ова, Melinda има годишен промет половина милијарда евра.

Земјоделска задруга е правно лице (претпријатие) основано на доброволна основа и контролирано од лицата кои го употребуваат. Задругата претставува демократски управувано претпријатие од страна на членовите (сопственици) со основна цел да одговори на нивните заеднички потреби. Членовите на земјоделската задруга се еднакви и рамноправни – имаат еднакви права и обврски во одлучувањето по принципот еден член еден глас. Земјоделската задруга е правно лице запишано во Централен регистар на Република Македонија.
Како и секое друго претпријатие, задругите имаат исти потреби од добро планирање, доволно финансиски средства, анализа на пазарот, развиена стратегија за развој, добро планирање и најважно од се добро едуцирани вработени.
Во моментов во Република Македонија се спроведува проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ кој има општа цел да придонесе кон поголема продуктивност и конкурентност на земјоделскиот сектор во земјата. Специфичната цел на проектот е зголемување на пазарната конкурентност и соработката меѓу земјоделците во земјата, преку создавање поволни услови за развој на постоечките и создавање нови земјоделски задруги. Повеќе информации за поддршката, финансиската поддршка и начинот на реализација можете да добиете на www.zadrugi.mk

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close