ВестиМакедонија
Заев: Ниту една економија не може целосно да закрепне сè додека немаме глобален правичен пристап до вакцини
Економската активност нема да се врати во нормала се додека сите земји не ја стават под контрола пандемијата“, истакна премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју за печатеното издание на „Капитал“.
„Пандемијата покажа дека земјите во развој и развиените земји се меѓусебно зависни. Во таа насока неопходно е мултилатерално координирање и работа за еднаков пристап и дистрибуција на вакцини, тестови и терапија. Ниту една економија не може целосно да закрепне сè додека немаме глобален правичен пристап до вакцини, терапија и дијагностика. Економската активност нема да се врати во нормала се додека сите земји не ја стават под контрола пандемијата“, истакна премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју за печатеното издание на „Капитал“.
Премиерот подвлече дека темата за вакцините, со право, го окупира целиот свет не само нас и додаде дека целосно го разбира чувството на граѓаните колку што е можно побргу да започне процесот на вакцинација и во нашата земја.
„Уште од стартот кога започнаа да се наѕираат резултатите од производството и тестирањата на вакцините го ставивме во функција целиот капацитет на Владата за да ги пласираме издвоените средства од КОВИД програмата, како и средствата што доаѓаа од ЕУ или Светска Банка за набавка на вакцината.
Ние секако се приклонивме во очекувањата кон механизмите на Брисел за испорака на потребните количини од вакцината и преку КОВАКС системот. Но, треба да ги земеме предвид и објективните околности дека некои од производителите од западноевропските земји потфрлија прво во проценките кога ќе завршат целосните тестирања на вакцините, а потоа и во производство на количините кои на глобално ниво надминуваат неколку милијарди дози“, рече Заев и додаде дека потфрлањето на производителите е кон речиси сите земји, при што доделени се само 10 до 15 проценти од очекуваните количини во првиот или вториот турнус и тоа е причината зошто некои од европските земји кои ветија дека ќе споделат дел од вакцините со земјите од Западен Балкан не можеа да го направат тоа како што беше замислено.
Како резултат на тоа, Заев рече дека веднаш се премина и кон интензивна комуникација со сите производители и сите можни влади и контакти кои би можеле да ни помогнат.